Интервју со Зоран Пејчиновски, главен извршен директор на СН Осигурителен Брокер АД Битола
СН осигурителен Брокер АД Битола, и покрај кризата предизвикана од пандемијата на ковид, ја заврши 2021 година со позитивен финансиски резултат. Како ги оценувате деловните резултати?
Пејчиновски: Тоа секако не беше и сè уште не е лесен период за бизнис-секторот, но Осигурителното брокерско друштво СН Осигурителен Брокер успешно ги задржува лидерските позиции дури и во овие тешки времиња. Имено, друштвото уште од основањето има извонреден развоен капацитет проследен со значителни стапки на раст поддржани од високи годишни амплитуди на бруто-полисирана премија и веќе по првата година од функционирањето се позициониравме на врвот на осигурително брокерскиот сегмент на пазарот на осигурувањето во државава. Оттогаш континуирано сме на лидерската позиција во сегментот на осигурително брокерските друштва во Републикава по сите параметри, и тоа бруто-полисирана премија, број на експозитури и вработени, територијална покриеност и број на вработени лиценцирани осигурителни брокери.
Двоцифрениот раст на продажбата директно условува и раст на добивката низ годините. Континуираниот раст на бруто-полисирањето е јасен показател за сигурноста и стабилноста на СН Осигурителен Брокер. За илустрација, ако на почетоците во 2015 година бруто-полисираната премија изнесуваше 58 082 067,00 денари, растот е јасно видлив од тоа што во 2021 година друштвото оствари блиску 800 000 000 бруто-полисирана премија.

Изминатиов период за СН Осигурителен Брокер помина и во знак на реализирање на корпоративна обврзница. Какво е нејзиното значење?
Пејчиновски: Тоа е од историско значење бидејќи компанијата стана првиот правен субјект од нефинансискиот сегмент на националната економија кој издава долгорочни хартии од вредност − корпоративна обврзница. На некој начин го скршивме мразот и се надеваме дека нашиот пример ќе го следат и други економски субјекти во нашава држава.
Издавањето на долгорочни должнички хартии од вредност по пат на јавна понуда прва емисија на корпоративни обврзници е одобрено со Одлука бр. 02-300/20 од 10.5.2021 година донесена од Собранието на акционери на СН Осигурителен Брокер и одобрена со Решение на Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија УП бр. 10-84 од 9.8.2021 година.
Предмет на јавната понуда беше првата емисија на 8 000 долгорочни должнички хартии од вредност, односно корпоративни обврзници. Номиналната вредност на корпоративната обврзница е 10. 000 денари по лот во вкупен номинален износ од 80 милиони денари. Еден лот е една обврзница. Продажбата се вршеше по пат на јавна понуда преку Македонска берза АД Скопје, согласно Правилата за тргување на берзата од Анекс 3, според моделот на фиксна цена со давање приоритет на налози со порано време на внес на налогот во БЕСТ-системот. На 12 август минатата година, Поканата за запишување и уплата на долгорочни должнички хартии од вредност согласно правилата друштвото ја објави во еден од дневните весници во Републикава. Проспектот и поканата беа објавени и на веб-страниците на друштвото и на Македонската берза.
На 26 август 2021 година започна шестмесечниот рок за издавање на долгорочни должнички хартии од вредност по пат на јавна понуда. Заклучно со 26 февруари 2022 година, од понудените 8. 000 корпоративни обврзници продадени се вкупно 7 583 хартии од вредност за износ од 75 830 000,00 денари. Тоа значи дека обврзницата е успешна, односно реализацијата е 94,7875 %.
Кога ќе започне првата исплата на каматата за имателите на обврзници и колку изнесува таа?
Пејчиновски: Првата исплата на каматата ќе започне по истекот на 12 месеци од денот на упис на обврзниците во Централниот депозитар за хартии од вредност, а ќе заврши по истекот на 5 години. Главницата ќе се исплати во целосен износ заедно со последната исплата на камата во рок од 3 дена по денот на достасување на обврзницата, односно по истекот на 5 години од денот на успис на обврзниците во Централниот депозитар за хартии од вредност врз основа на долгорочните должнички хартии од вредност – корпоративна обврзница. Висината на каматната стапка е 6 % на годишно ниво, фиксна за целиот период.
По успешно реализираната обврзница, каде ќе бидат инвестирани средствата и какви се проекциите за натамошен раст и развој на друштвото?
Пејчиновски: Основите за раст и развој се проектирани во Бизнис-планот за периодот 2021 − 2025 година. Бизнис-патоказот е оформен откако стручната анализа на топ менаџментот покажа дека друштвото го достигна максималниот развој во рамките на постоечката структура и вложувања и дека е потребен нов инвестициски развоен бран. Ова предвидува започнување петгодишен развоен циклус кој се темели на пет столба, и тоа во сегментот на: информациските и комуникациските технологии, засилување на операциите во град Скопје, како и нови инвестиции, вклучително и интернационални.
Највисоките стандарди за информатичка и комуникациска безбедност во осигурителниот сектор, кои стапија на сила во 2021 година, налагаат значителни инвестиции во современи софтверски и хардверски решенија и во високоедуцирани информатички експерти. Друштвото ги задоволува највисоките стандарди за информатички и комуникациски технологии поставени од регулаторот, но и од пазарот, и во моментов има изразена компаративна предност во оваа област пред другите конкуренти. Оттука целта на инвестицијата во првиот столб е да ја удвоиме таа предност така што ќе ја потврдиме определбата на друштвото за развој во овој сегмент заради суштински развој, а не само поради законската обврска.
Воедно друштвото перманентно користи иновативни софтверски решенија и во таа насока разви и користи сопствени компјутерски апликации за интернет-продажба на полиси и пријавување на штетни осигурани настани, како и апликации за организирање и водење на работата во секторите за финансии, сметководство, наплата и правни работи.
Најавувате засилено позиционирање во град Скопје. Кои се главните аргументи за една таква сериозна инвестиција?
Пејчиновски: Бидејќи друштвото го надрасна деловното опкружување на осигурително брокерско друштво регистрирано во внатрешноста, а кое ја покрива целата територија на Републикава, логичен чекор е засилено позиционирање во градот Скопје каде што е концентриран близу 51 % од осигурителниот пазар во земјава. Оттука предвидуваме отворање на практично дополнителна дирекција на друштвото во град Скопје и сопствена станица за технички преглед, исто така во Скопје.
Потенцијалот за проширување го гледаме во адекватноста на специјалните понуди на друштвото во незадолжителните класи на осигурување. Се работи за пакети изготвени соодветно на потребите на населението и на компаниите. Тука, пред сè, мислам на приватното здравствено осигурување преточено во првиот пакет на осигурување од овој тип кај нас, „Eurohealth“, кој друштвото го застапува во соработка со Евроинс Осигурување АД Скопје, каско осигурување и имотно осигурување преку најдостапниот пакет од овој тип на пазарот, „СН Дом“, кој компанијата го разви и го застапува во соработка со Уника осигурување АД Скопје.
На кој начин планирате да го решите кадровското и просторното прашање за едно вакво проширување?
Пејчиновски: Ова предвидува релокација на постојните кадровски капацитети на друштвото од Битола во Скопје во нов современ деловен објект, но и ангажирање на нови човечки потенцијали од сферата на: финансиите, осигурувањето, техничко-технолошките сегменти и правото.
Со примена на овој концепт, на територијата на град Скопје друштвото ќе изгради корпус на клиентела од овој сегмент. Тоа ќе придонесе за значителен раст на продажбата, особено затоа што од 500 000 патнички и моторни возила кои годишно подлежат на задолжителен технички преглед и осигурување од автоодговорност на територијата на град Скопје отпаѓаат околу 200 000 возила. За оваа цел е предвидена инвестиција во нов центар за технички преглед во Скопје, кој ќе биде организиран по моделот One Stop Shop кој функционира по принципот 24/7.
Дел од бизнис-планот е и излез на меѓународниот пазар на осигурување. Каде предвидувате трансфер на досегашните искуства и знаења?
Пејчиновски: Тоа опфаќа настап на нови пазари, примарно во ЕУ, но и во јурисдикции кои допрва ги воведуваат европските осигурителни стандарди. Петгодишниот деловен план предвидува инвестирање во 50 % од сопственоста во осигурително брокерско друштво во Република Бугарија заради исклучива ориентираност кон онлајн продажба на осигурување на домаќинство на територијата на ЕУ во рамките на FOE и FOS-механизмите на ЕУ. Се планира и основање сопствено осигурително брокерско друштво во Република Грузија која е меѓу последните земји каде што осигурувањето од автоодговорност сè уште не е задолжително, но нова регулатива е во постапка на донесување.
Извор: ekonomijaibiznis.mk
