Организацијата „Вешта жена“ од Тетово вечер ќе ја одржи централната манифестација со која ќе се одбележи 30 години постоење при што ќе има и натпреварувачки дел во кој за оваа година ќе се избере највешта жена од Тетово во подготовка на главно јадење, торта и аранжман на маса. Годинава шест учеснички ќе се натпреваруваат и ќе ги покажат нивните вештини.
-Мотото на јубилејното издание на „Вешта жена“ е „Со здрава исхрана и чист воздух до здрав живот – Тетово сака парк“. Самото име укажува на тоа дека сакаме да ставиме акцент на здравата исхрана и здравиот начин на водење на животот, а воедно и потребата Тетово да има парк. Со ова сакаме да дадеме поддршка на истоимената иницијатива „Тетово сака парк“, изјави Снежана Стојановска, претседателка на „Вешта жена“.
Таа информираше дека организацијата „Вешта жена“ направи избор на 15 највешти жени во исто толку градови низ државата кои ќе бидат дел од републичкиот натпревар на крајот на мај.
