Европската комисија предложи едногодишно укинување на увозните царини за целиот украински извоз во Европската Унија, вклучувајќи ги и земјоделските производи.
Овој потег треба да помогне да се зголеми извозот на Украина во ЕУ за да се олесни маката на локалните производители и извозници кои се соочуваат со руската воена инвазија, соопшти Комисијата.
Овој предлог го коментираше и Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, која нагласи дека руската, неиспровоцирана и неоправдана агресија сериозно се одразува на украинската економија. Во изјавата таа рече дека разговарала со претседателот Володомир Зеленски за начините за поддршка на економијата, покрај финансиската помош и субвенциите.
„Двајцата се согласуваме дека брзото и сеопфатно суспендирање на увозните давачки е клучно за зајакнување на нивната економија. Тоа значително ќе го олесни извозот на индустриски и земјоделски стоки во ЕУ. Во овие ужасни времиња, ние продолжуваме да ја поддржуваме Украина“, заклучи таа.
„Европската Унија никогаш досега не вовела такви мерки за либерализација на трговијата кои се без преседан по своите размери: одобрување на нулта царина за Украина, нулат квоти на пазарот на ЕУ“, изјави потпретседателот на ЕК и комесар за трговија Валдис Домбровскис, додавајќи дека од почетокот на руската агресија, ЕУ како приоритет го истакна одржувањето на украинската економија, што, како што нагласи, е клучно и за нејзината победа во оваа војна и за нејзино опоравување по војната.
„Овие мерки директно ќе им помогнат на локалните производители и извозници. Тоа ќе ја зајакне довербата во економијата и ќе испрати силен сигнал дека ЕУ ќе направи се што е во нејзина моќ да им помогне до степенот што им е потребен“, рече тој.
Како што е соопштено, ЕУ исто така наоѓа начини да го олесни копнениот транспорт на стоки за да помогне во извозот на украинските производи, особено земјоделските. На пример, Комисијата веќе започна со либерализација на условите за возачите на камиони кои превезуваат стока меѓу Украина и ЕУ, како и олеснување на транзитот и користење на инфраструктурата на ЕУ за насочување на нивниот извоз во трети земји.
