Кроењето на кивите е важно во првите години заради добивање цврста основа на растението што ќе раѓа плод. Затоа е важно да се одгледува цврсто исправено стебло кое се разгранува на соодветна висина (обично околу 180-200 см).
Потребната висина тешко се постигнува во една вегетација. Потребни се неколку години за растението доволно да порасне. На почетокот на првата вегетација, садницата се скратува на две-три пупки и се избира едно силно ластарче со прав раст, а сите останати се пинцираат.
Кога растението ќе ја достигне висината на арматурата, се обликуваат разгранувања со избирање на ластарите на соодветните места, во зависност од формата на одгледување. На разгранувањата понатаму се одгледуваат нови гранки по принципот „рибни коски“, а се отстрануваат ластарите кои растат вертикално нагоре или надолу. Се оставаат само оние кои се насочени лево и десно од страната на главната гранка.
Плодовите почнуваат да се раѓаат во третата или четвртата година по садењето. Младите ластари на гранките, кои ќе родат плод и следната година, кон крајот на јуни и почетокот на јули се скратуваат на еден метар. Ова го запира нивниот раст и пупките сместени во основата на ластарите подобро се формираат.
Во пролет, пред почеток на вегетацијата, едногодишните изданоци повторно се скратуваат на 8-10 добро развиени пупки. Кога младите ластари ќе се развијат од родните пупки, повторно се скратуваат на 8-10 листови на крајот на јуни и почетокот на јули, сметајќи од последниот зафатен плод. Постапката се повторува на родното место во следните две до три години или додека не дојде до намалување на родноста. Тогаш треба од адвентивните пупки да се одгледува нова фиданка за да го замени родниот јазол.
Во следното видео можете да погледнете како се крои кивито.
