Русија би можела да го прекине извозот на ѓубрива, што би можело значително да се одрази на веќе нарушената понуда на светскиот пазар. Имено, тамошното Министерство за индустрија и трговија препорача во петокот прекин на извозот на ѓубрива додека не продолжат нормалните транспортни услуги до и од Русија, која веќе е погодена од многу санкции, пишува The Wall Street Journal.
Според Геолошкиот институт на САД таа земја беше одговорна за 18 отсто од пазарот на калиум карбонат, 20 отсто од извозот на амонијак и 15 отсто од уреата во 2017 година. На почетокот на февруари годинава веќе привремено го забрани извозот на амониум нитрат, со цел да ги осигураат нивните земјоделци за претстојната пролетна реколта.
Со оглед на состојбата на пазарот, растот на цените, недостатокот на ѓубрива и суровини за производство, оваа најнова, засега препорака уште повеќе ќе ги покачи цените и негативно ќе влијае на глобалното земјоделство.
Исто така, неколку големи бродски компании, вклучувајќи ги и најголемите светски оператори со контејнерски бродови, AP Moller-Maersk A/S и Mediterranean Shipping Co., привремено ги прекинаа услугите до руските пристаништа.
Украинските пристаништа под оган, Cherkasy Azot се затвора
Покрај тоа, украинските пристаништа на Црното Море се во центарот на руската инвазија. Пристаништето Херсон, кое се наоѓа на реката Днепар, е многу важно за поврзување на речниот и поморски транспорт, но градот падна во руски раце во четвртокот на 3 март. Одеса и Мариупол се на удар, а бомбардирано е и важното пристаниште Николаев.

Според информациите што ги пренесува Fertilizer Daily, една од најголемите хемиски компании во Украина, Cherkasy Azot се затвора. Компанијата произведува амонијак, амониум нитрат, уреа. Во 2020 година произвела 66,8 илјади тони амонијак, 58,2 илјади тони амониум нитрат и 44,4 илјади тони уреа.
Рекордна цена на течниот амонијак
Поради сето ова земјоделците во Европа и во светот не можат да ги добијат веќе договорените количини ѓубрива. Во исто време, цените растат, па цената на течниот (безводен) амонијак, кој е клучен во одгледувањето на пченката, достигна рекордни 1492 долари за тон.
Секој понатамошен раст би ги зголемил инфлаторните притисоци врз земјоделците, кои веќе плаќаат значително повисоки цени за гориво, хербициди, други хемикалии, семиња и работна сила.
