На денешната седница, Владата ја усвои Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за оваа 2022 година, којашто е резултат на опсежни анализи на искористеноста на средствата, земајќи го предвид развојниот ефект на субвенциите и отстранувањето на можноста за нивна злоупотреба.
„Воведуваме повеќе новитети со кои се усогласуваме со европската регулатива, со единствена цел – да го доближиме македонскиот до европскиот аграр, да имаме модерно и конкурентно земјоделство, и крајно овој сектор да стане основа на македонската економија“, нагласи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
За првпат се врши усогласување со политиките на ЕУ преку воведување на пилот мерка во овоштарството за линеарна субвенција. Оваа мерка е по основ на европската мерка „decoupling“, која подразбира линеарна исплата за обработлива земјоделска површина независно од културата. Новитет е што исплатата за оваа мерка ќе се врши во тековната година, во периодот од септември 2022 година до декември. Да биде појасно, сите овоштари ќе добијат авансно 12.000 денари од вкупната сума колку што изнесува основната субвенција во тековната година, односно кога им се најпотребни во ек на берба, а остатокот од основната субвенција ќе се исплати следната година како и досега. На пример ако за еден хектар јаболков насад вкупната поддршка е 50.000 денари, 12.000 денари ќе му бидат исплатени авансно во тековната година, а остатокот од 38.000 денари ќе се исплатат до месец мај следната година како и досега. Практично, со овој модел овоштарите ќе имаат две исплати.
Ваквиот начин на субвенции согласно европските регулативи е предвидено следната 2023 година да се воведе и за останатите мерки по површина, односно за поледелство, градинарство и лозарство.
За успешна реализација на овие мерки ќе се измени Законот за земјоделство и рурален развој, со кој ќе се овозможи на Платежната Агенција да врши 30 отсто авансна исплата, пред завршувањето на административните контроли и контролите на терен.
Николовски најави воведување пилот мерка во овоштарството – линеарна исплата за обработлива земјоделска површина независно од културата
Остави коментар
Остави коментар
