Изет Кочак, по примерот на слична практика во Русија, решил да ја искористи виртуелната реалност за да добие повеќе млеко од своите крави. Како што вели Кочак, оваа одлука се покажала како исправна.
Кочак се занимава со сточарство во централниот турски регион Аксарај од 2018 година. Има големи амбиции кога станува збор за принос на млеко од 180 грла крави.

За да ги оствари своите амбиции, прво почнал да пушта класична музика во просторот каде што се наоѓаат кравите. Голем е бројот на сточари кои исто така го прават ова. Тој сега одлучил да користи технологија за виртуелна реалност кај две крави.
„Се обидуваме да најдеме алтернативни начини за зголемување на приносот на млеко, поради поскапувањето на храната и сеното. Слушнав дека во Русија се користи ВР технологија, па решив и јас да го направам тоа. Десет дена набљудувам колку е ефикасна оваа технологија. Забележав дека е зголемен квалитетот, како и приносот на млеко“, изјави Кочак за странските медиуми.

„Тие гледаат зелено пасиште и тоа им дава емотивен поттик. Така се помалку под стрес“, вели тој.
Тој истакнува дека е свесен за студиите за тоа како средината во која се кравите влијае на производството на млеко. Како што рече, просечно произведувал по 22 литри млеко дневно, а со употреба на ВР-технологијата произведува 27 литри. Поради тоа, Кочак одлучил да нарача уште десет ВР-уреди.
