Бадник се прославува еден ден пред Божиќ и претставува последен и најстрог ден на божиќниот пост и носи голема среќа во домовите, бидејќи претходи на денот на Исусовото раѓање.
Зборот Бадник веројатно доаѓа од старомакедонскиот збор – да бидеш буден. Таа ноќ, како што запишал Шапкарев, „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: бадник – будник“. И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето, будноста покрај обредниот оган.
Празникот името Бадник го добил по гранката од даб – бадник, бидејќи дабот се смета за најздраво дрво и симболизира здравје за целото семејство. Во минатото бадникот се сечел на тој ден, се внесувал дома и се палел.
За Бадник семејството се собира заедно во домот, седнува на заедничка посна и богата трпеза и крши лепче со паричка.
Едно од верувањата е дека бадниковото лепче треба да се прави од пченично брашно, а ако додадете други зрна во него, зрното мора да биде цело, додека водата што ја користите при месењето треба да биде осветена или претходно во неа да се стави грст жито. Постои верување дека сè што ќе допрете со рацете на кои има од залепеното тесто, ќе биде плодно во текот на целата година. Се верува дека на оној кому ќе му се падне паричката, цела наредна година ќе го следи здравје, успех и среќа. Традицијата налага оваа вечер да не се оди никаде на гости, туку да се остане во домот со богато посно мени што има и симболично значење и означува богатство и изобилство и во наредната година.
Бадниковата вечера започнува со благослов на домаќинот на трпезата, а потоа и кршење на бадниковото лепче со паричка, на онолку делови колку што има и членови во семејството, оставајќи дел за Бога и дел за куќата. На Бадник, според традицијата, во огнот се става да гори и бадниково гранче. Се верува дека на овој ден или оваа вечер треба да се врати сè што е позајмено и да се смириме со сите со кои сме се расправале, за целата наредна година да помине во мир и слога.
Трпезата на Бадник е исклучиво посна и најчесто се подготвуваат риба, посна сарма или грав, со салата од зелка или компир, што треба да обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година. Средината на масата, традиционално се украсува со плетена кошница полна со сушено овошје. Обичај е трпезата да не се раскрева и да се остави да стои преку целата ноќ.
