И порано е научно докажано дека урбаните градини, шуми и паркови ја намалуваат депресијата и поволно делуваат на менталното здравје, но се и исклучително вредни за зачувување на животната средина. Урбаните градини и вертикалните фарми почнуваат да се појавуваат насекаде низ светот, бидејќи ОН предвидуваат дека 68 отсто од светското население ќе живее во градовите до 2050 година.
А кога станува збор за зелената архитектура, резултатите се зачудувачки. Што ја прави зградата одржлива? Станува збор за минимизирање на влијанието на конструкцијата на околината. Тоа може да биде преку енергетска ефикасност, еколошки прифатливи материјали или свеста за своето опкружување, со цел да се зачува биолошката разновидност на подрачјето.
Ви пренесуваме неколку примери на неверојатна архитектура ширум светот кои покрај својот изглед, волшебни се и со својата еколошка прифатливост.
Toronto Tree Tower
Станува збор за станбен блок на архитектот Крис Прехт кој е направен од дрво и кој вклучува ѕидови со растенија и дрвја кои никнуваат од балконот.


„Знаењето ќе биде важно за паметните градови, но и свеста, емоциите и нашите сетила. Тоа ќе го постигнеме со поврзување со природата и интегрирање на растенијата. Згради со еколошки материјали кои сакаме да ги допреме. Интегрирани градини кои можеме да ги мирисаме и јадеме. И згради кои можеме да ги слушнеме затоа што во нив се гнездат пчели и птици. Тоа е мојот сон за иднината“, изјави архитектот.
Park Royal Pickering, Сингапур


Архитектонската фирма WOHA со седиште во Сингапур, основана од Вонг Мун Сам и Ричард Хасел во 1994 година, ја изгради, меѓу другото, и оваа зелена хотелска зграда со накривени високи градини, рефлектирачки базени, водопади и зелени ѕидови.
Винарија Shilda, Грузија



Дефинитивно една од најинтересните винарии во светот. Зградата е буквално споена во пејзажот на лозјето, што ја прави едвај забележлива од птичја перспектива. За овој проект стопен со природата се задолжени архитекти од британската канцеларија „ X-architecture “.
Off The Grid Office, Букурешт
Стефан Манту од Engraff, со седиште во Букурешт, Романија, дошол на идеја за „Off The Grid Office“ за да ја илустрира нашата постојана потреба да се поврземе со природата, тврди тој.


„Зелената архитектура е тема од големо значење за сите нас, бидејќи треба да се смета за еден од виталните чекори кон одржливиот развој на нашето постоечко општество. Off the Grid Office е концептуален проект кој пренесува дека функционалните простори треба да ја одржуваат и почитуваат рамнотежата помеѓу луѓето и местата на коишто се изградени. Кои се најважните елементи на удобност при дизајнирање на човечко живеалиште? Воздух, светлина, звук. „Off the Grid Office е развиен околу идејата дека какво било човечко опкружување треба да се интегрира во постоечката природна средина, бидејќи таа веќе нуди придобивки што обично се обидуваме да ги репродуцираме со вештачки материјали“, вели архитектот во едно интервју.
