Договорното производство на органска пиперка, проект на Агротим, кој годинава стартуваше за прв пат кај нас, заврши одлично со задоволни земјоделци и преработувач.
Земјоделските производители пред самиот почеток на сезоната склучија договор со компанијата „Тргопродукт“ со услови кои подразбираа квалитет и договорена цена од 30 денари за килограм. Договорот се почитуваше од двете страни, а искуството на земјоделците е повеќе од позитивно.

Никола Анески од битолското село Долно Оризари, заедно со Пеце Ангелевски се вклучија во проектот „Договорно производство на органска пиперка“ меѓу првите земјоделци. На почетокот на сезоната изјавија дека најмногу на нивната одлука да се вклучат во проектот ги мотивирале 100% повисоките субвенции и сигурниот пласман со добра цена.
На крајот на сезоната, повторно го прашавме Никола дали е задоволен од проектот и какви се плановите за 2022 година.
-Спрема годината како што беше лоша со жештините и ми исфрли многу цут на земја, презадоволен сум и никогаш нема да се откажам од пипер со органско третирање. А за пиперот годинава за цената и плаќањето, капа доле, секоја чест на Тргопродукт, респект. Толку добра комуникација и разбирање не сум имал со никого. Браво за сопственикот на компанијата – изјави за Агротим, Никола Анески.
Тој додаде дека и во 2022 година ќе продолжи со производство на органска пиперка, а планира да се вклучи и во договорното производство на органска зелка, проект кој во 2022 ќе го работи Агротим.
