Цените на житарките на светскиот пазар се уште високи, бидејќи понудата не може да ја задоволи побарувачката.
Оваа недела цената на пченицата на берзата во Чикаго CME порасна на дури 268,67 евра за тон, наспроти 249,66 предминатата недела. Еден тон на парискиот EuroNext чини 283,25 евра, а на францускиот FOB е високи 283 евра, додека на рускиот FOB 269,63 евра.
Сојата на CME чини 416,79 евра/т, а пченката 195,12 евра/т. На EuroNext се тргува по 239,50 евра/т.
На европските земјоделци високите цени на репроматеријалите им создаваат проблеми.
„Ќе можеме да произведуваме само ако цените се прилагодат на кризата“, предупреди Михаел Гутин, член на управниот одбор на Германското здружение за производство на житарки (ВГМС).
Сѐ уште не се знае како ќе се развива пазарот, а аналитичарите очекуваат дека житарките ќе се плаќаат „како никогаш досега“. На пазарот на големо во извозното пристаниште Хамбург, со пченицата за производство на леб во петокот се тргуваше по цена од дури 283 евра/т, што е за пет евра повеќе од една недела порано и дури 10 евра од пред две недели.
Цените за добиточниот јачмен во петокот изнесуваа 256 евра за тон, што е зголемување за четири евра за една недела. За еден тон ‘рж трговците понудија 254 евра, што е поскапување за шест евра.
На најважното француско пристаниште за големопродажба и извоз, Руан, лебната пченица во петокот беше котирана на 278 евра/тон, што е зголемување на цената за две евра во однос на претходната недела. Таму добиточниот јачмен беше испорачан за 252 евра/т.
Русија годинава ќе ожнее нешто повеќе од 123 милиони тони житарки, изјави минатата недела рускиот министер за земјоделство, намалувајќи ги официјалните проценки, кои претходно изнесуваа 127,4 милиони тони. Инаку, оваа земја е најголем светски извозник на пченица, а главно ги снабдува Блискиот Исток, Африка и Азија. Меѓу другите, се натпреварува и со Европската Унија, како и со Украина.
Министерот за земјоделство рече и дека се очекува руските земјоделци да посеат 19,5 милиони хектари зимски култури за жетвата во 2022 година. Но, сеидбата беше значително одложена поради сувото време. Како резултат на тоа, досега се засеани само 17,6 милиони хектари, наспроти 18,3 милиони хектари во исто време пред една година.
Невообичаено сувото време ја попречува и сеидбата во двата најголеми украински региони за одгледување пченица, каде што зимата е засеано само на 37 проценти од очекуваните површини, што е уште една од причините за понатамошни поскапувања.
Извор: www.agroklub.rs
