Вкупната површина на овоштарници во Србија е 191 илјади хектари, што е повеќе од 5 отсто од користеното земјоделско земјиште. Иако најповолни услови за овоштарство има во ридско-планинските предели, каде што традиционално најмногу се одгледуваат јаболка, малини, сливи и цреши, во Војводина има 11% од вкупната површина со овошни насади. Најголемата поединечна плантажа со кајсии се наоѓа на северот на Србија, во Бачка Топола, а нејзиниот сопственик почнал да ги формира првите насади пред 15 години.
„Ја започнав оваа приказна затоа што овоштарството е најпрофитабилната гранка во земјоделството, најбрзо се враќаат вложените пари“, ги објаснува своите мотиви Петар.
Производството на овошје учествува со околу 11 отсто од вредноста на земјоделското производство во Србија. Во последната деценија, благодарение на науката, професијата, но и производителите подготвени да ја подобрат понудата, воведени се бројни технолошки иновации во овоштарството, а се работи и на промена на асортиманот. Сето тоа придонесе овошјето и овошните производи од Србија да бидат со висок квалитет и ценети на светскиот пазар.

-Се купуваат двегодишни или тригодишни садници од кајсија, кои даваат род во петтата година, што значи дека после две години имаш некој приход, поврат на инвестицијата – вели Петар и додава дека како и во животот, така и во овоштарството, амбицијата секогаш те влече напред.
-Секогаш може подобро и повеќе – одговара Петар на прашањето дали е задоволен од постигнатото.
Како и во секоја стопанска гранка, и во овоштарството, неопходни се континуирани вложувања за да се одржи квалитетот и квантитетот на приносите и да се овозможи пласман на домашниот и на странскиот пазар. Инвестирањето во нови сорти, заштита на растенијата и механизација на почетокот претставува трошок, кој подоцна се исплатува.
Поради тоа, државата, но и Европската Унија, имаат различни мерки за поддршка на овоштарите во Србија, а најважните се однесуваат за набавка на механизација. Истовремено, за да може да се извезува овошјето и овошните производи потребно е да се исполнат различни стандарди за квалитет, кои се недостижни без воведување современи технолошки процеси.
Кајсијата е овошје кое има краток рок на употреба од моментот на зреење, па затоа е потребно навреме да се обезбеди продажба или преработка. Затоа Петар, освен што одгледува овошје, од минатата година се занимава и со производство на ракија.

-Кога е родна година, а приносот е околу 700 или 800 тони презрели плодови, кои паѓаат од дрвото, за да не ги фрлиме, печеме ракија. Кајсијата е најдоброто овошје, а ракијата е најубава од кајсиите – тврди Петар.
Воден од мотото дека секој бизнисмен мора да има визија за развој, Петар постојано работи на подобрување на производството. Така пред пет години обезбедил простор за складирање на 1.500 тони кајсии, односно фрижидер со температура во плус, но веќе е во изградба и на нов фрижидер „минус“ во кој може да се складираат големи количини овошје и суровини за изработка на сокови и други овошни производи.
-Магацинскиот простор ќе биде околу 5 илјади тони, но нема да го чуваме, туку ќе го продаваме, така што ќе имаме простор за целиот Севернобачки регион – вели Петар.
Препораката на искусниот и успешен овоштар до сите оние кои имаат намера да се вклучат во овој предизвикувачки, но и профитабилен бизнис, но и до помалите индивидуални производители, е да се обединат, да имаат заеднички простор за складирање, преработка, настап и маркетинг, бидејќи на тој начин ќе се затвори целиот производствен синџир, да се овозможи на сите членки да пласираат производи и да си даваат едни на други меѓусебна поддршка.
Извор: blic.rs
