Сонцето добредојдено за органската пиперка ајварка од договорното производство. Според информациите од терен, околу 50 тони зелен пипер поради дождливото време останаа на нивите. Ваквите временски услови деновиве одговараат за берба и земјоделците го собираат родот.

Цената по која склучија договор земјоделците е 30 денари. Откупувачот – „Тргопродукт“ веќе има откупено одредена количина и им има платено на земјоделците. Оттаму велат дека се придржуваат на договорената цена и начинот на плаќање, па така сѐ што имаат откупено веќе е исплатено. Очекуваат дека овој начин на соработка ќе продолжи, а исто така имаат потреба од органско масло за јадење, па вреди да се размисли за ваков проект и за производство на органски сончоглед со некој од нашите преработувачки капацитети.
И земјоделците кои беа дел од проектот Договорно производство на пиперка се задоволни од соработката и воопшто од овој начин на производство со однапред договорен пласман и цена.

Ним им останува само да произведат согласно препораките за органско производство и се разбира, да ги послужи времето.
Искуството од оваа година очекуваме да мотивира и други земјоделци за 2022 година да се засадат поголеми површини со органска пиперка, решени со договорно производство. Така ќе имаат и 100 % повисоки субвенции од конвенционално производство и други бенефиции што ги овозможуваат Министерството и Владата за зголемување на домашното органско производство.

Проектот Договорно производство на органска пиперка ајварка e на иницијатива на Агротим, а во соработка со преработувачки капацитети, советничката за органско производство Ангела Ѓеровска и земјоделски производители од неколку региони.
Активноста се спроведува со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – И.М.Е Програма.
