Тартуфите, најскапите печурки во светот, се единствени, бидејќи само тие од сите видови печурки што се јадат не можат да се одгледуваат вештачки. Сепак,тартуфите тешко човек може да ги најде сам, без да има помошник – куче.
Раси за обука
Експертите посочуваат дека повеќето ловечки кучиња можат да се обучат да најдат тартуфи, но расите Лагото Ромањоло и Лабрадор се неприкосновени во нивното пронаоѓање.
Овие кучиња немаат вродени инстинкти за „лов“ на тартуфи, но тие се најдобрите ученици во овој бизнис. Сепак, и едната и другата раса треба да се обучуваат од најмала возраст, за сопственикот да ја постигне посакуваната цел. Овие кучиња треба да поминат обука во шума, каде што има тартуфи. Тие не треба да ја учат оваа работа во дворот, а колку порано ќе започнат, толку поуспешни ќе бидат во нивната работа.
Четири фази на обука
Обуката за тартуфи треба да започне приближно кога кученцето ќе наполни три месеци. Кученцето мора да биде придружувано од лицето кое поминува најмногу време со него, односно лицето кое е обучено да бара тартуфи.
Не треба да ве залаже тоа што се работи за мало кученце, бидејќи обуката од самиот почеток треба да биде многу професионална. Осмислена е во неколку фази, кои се прилагодени на возраста на кучето – од игра до професионално пребарување.
Фаза 1
Во првата фаза, кучето се обучува преку игра. Му се дава парче тартуф, кое може да го помириса и да го јаде. Оваа фаза е многу важна, бидејќи на овој начин кучето се навикнува на мирисот на тартуфи.
Фаза 2
Во втората фаза, се прават мали наоѓалишта. Треба да се ископаат дупки на длабочина помеѓу еден и три сантиметри. Ставете парчиња тартуфи или леб намачкани со масло од тартуф, за кучето да ги намириса, да ги најде и да ги откопа со муцката. Секогаш кога вашето куче ќе најде тартуф, наградете го со десерт за кучиња.
Фаза 3
Кога кучето е малку постаро треба да се работи посериозно со него. Започнете да закопувате тартуфи на длабочина од 10 до 20 сантиметри. Бидејќи е многу поголема длабочина, кучето ќе мора да вложи голем напор да ги намириса, а кога ќе го направи тоа, ќе почне да копа со шепите. Кога ќе најде тартуф, исто така пофалете го и наградете го.
Фаза 4
Ова е и најсериозна фаза, во која кучето се обучува да оди на терен во шумата. После оваа фаза, тоа е подготвено да пребарува. Во оваа фаза на обука, се користат постари и пообучени кучиња, кои одат во шума со помладите. Тогаш принципот е следен: кога постариот „колега“ ќе го намириса, односно ќе го пронајде тартуфот, треба да го тргне подалеку од дупката и да го повика помладото куче да дојде на тоа место за да го ископа тартуфот. Во оваа последна фаза, кучето целосно се навикнува на шумата и различните мириси во неа.
Цена на „ловците“ на тартуфи
Кучињата прилагодени за оваа работа се многу скапи. Ако сакате куче кое се користи исклучиво за да најде тартуфи, Лагото ромањоло е идеално. Неговата цена е 500 евра. Експертите велат дека поединци ги продаваат за 200 евра, но тие можат да послужат како миленичиња, а не како „ловци на тартуфи“. Тие обично настанале од инцест, така што нивната генетика не е најдобра.
Лагото ромањоло
Тој е најлесно да се обучи, има природен инстинкт во потрага по тартуфи и чувството за мирис му е многу префинет. Многу се лојални на сопственикот, лесно се обучуваат и се дружат. Лесно се одржуваат и не бараат премногу кога станува збор за исхраната.
Иако се ловечки кучиња, денес се користат исклучиво во пронаоѓање на тартуфи и никако како класични ловечки кучиња.
Инаку, Лагото ромањоло е раса која потекнува од 16 век, а нивната татковина е Италија. Тие се одлични пливачи, луѓето најмногу ги користеле во областите каде што има исушени мочуришта, па потоа биле прилагодени за наоѓање на тартуфи.

Лабрадор
Друга раса на кучиња, која исто така лесно се обучува за наоѓање тартуфи, се Лабрадор и Лабрадор ретривер. Ова се најпопуларните раси на кучиња во светот, бидејќи се мирни, добри, сакаат друштво, не се агресивни и обожаваат деца.

Тие припаѓаат на категоријата кучиња кои лесно се тренираат, поради што се сметаат за најпослушни кучиња. Се користат и како службени кучиња, кучиња водичи за слепи, но најчесто како домашни миленици. Со овие карактеристики, се класифицирани и како најпопуларна раса на кучиња што бараат тартуфи. Со професионална дресура стануваат голема конкуренција на Лагото ромањоло.
И пудлицата е успешна во пронаоѓањето на тартуфи!
Можеби ќе бидете изненадени кога ќе дознаете дека постои уште една раса која наоѓа тартуфи со голем успех, а станува збор за пудлицата, која неправедно е запоставена. Неа денес никој не ја користи за оваа работа. Според некои извори, пудлицата потекнува од Германија, иако денес се смета дека е куче со француско потекло.
Во текот на историјата, пудлиците се користеле како кучиња за ловење патки, гуски и други водни птици, и поради одличното чувство за мирис, тие исто така биле користени за наоѓање тартуфи. Денес, пудлиците се претежно домашни миленичиња.
Извор: agroklub.rs
