Во организација на спортското риболовно друштво „Трофта“ во петок на брегот на Дебарско Езеро почнува риболовниот турнир „Крап куп Дебар 2021“.
-Турнирот „Крап куп Дебар 2021“ го одржуваме по вторпат и повеќе од сигурни сме дека преминува во традиција, имајќи го бројот на екипи пријавени за овој, споредено со оној минатата година. Пријавени се 12 екипи, од нив една од Косово додека останатите се од повеќе градови од нашата земја – изјави за МИА, Дритан Боцку претседател на СРД „Трофта“.
Додава дека повеќето од екипите имаат по три члена, а само неколку по два, кои ќе риболоват со по две трски. Тоа значи дека една екипа ќе може да лови со шест односно четири трски, што зависи од тоа колку члена има, на кои дозволено им е ловење со бојли и пченка.
-Сакам уште еднаш, преку МИА, да ги информирам пријавените дека пристигнувањето на патека е најдоцна до 5 часот, во петок, 10 септември, извлекувањето на позициите ќе биде до 6, пристапување на позициите е од 8 и во 10 часот ќе биде означен почетокот на натпреварот – додава Боцку.
Натпреварот завршува во недела во 14 часот, а еден час потоа ќе бидат прогласени најуспешните.
За екипата која ќе има најмногу среќа, односно количина уловена риба-крап, наградата е 15.000 денари, пехар и медали, за второ и третопласираната екипа следува награда од 10.000 односно 5.000 денари и пехари. Награда има и за најголема уловена риба во висина од 4.000, а по 3.000 денари ќе добијат највозрасниот и најмладиот натпреварувач.
Награди се обезбедени од повеќе спонзори кои ќе бидат распределени од самите спонзори.
Сите останати парични средства ќе бидат употребени за набавка на подмладок на крап за порибување на езерото, како што беше и минатата година.
