Бидејќи капината како овошен вид е повеќегодишна култура, од применетите агротехнички мерки зависи приносот, квалитетот, како и векот на експлоатација кој е од 12 до 17 години.
На негата на капини после бербата е потребно да се посвети големо внимание бидејќи од тоа во голема мера зависи родот во наредната година. Капината раѓа на двогодишни изданоци на кои од пупките во пазувите на листовите се формираат родни гранчиња кои цветаат и донесуваат род и после тоа почнуваат да се сушат. Со нивно навремено отстранување директно се влијае на подобар развој на едногодишните изданоци како диференцијација на родните пупки и подготовка на целокупниот насад за периодот на зимско мирување.
После завршената берба, двогодишните изданоци ја завршиле својата функција, а воедно се и најмногу изложени на напад на предзивикувачите на болести и штетни инсекти. Со отстранување на изданоците, како и проретчување на едногодишните, преостанатите изданоци добиваат подобра осветленост, поголемо проветрување и поголеми количини на вода и храна, а можноста за зараза се сведува на минимум.
На есенското ѓубрење и основната обработка на земјиштето исто така е потребно да се посвети внимание. Ѓубрењето на капинарникот може да се врши со органско ѓубриво 25-40 т/ха (најдобро добро прегорено арско ѓубриво) и минерални ѓубрива (некои од комплексните NPK комбинации) во количина од 400-500 кг/ха. Најдобро е да се направи агрохемиска анализа на земјиштето во насадот, а потоа да се придржува до препораките за ѓубрење.
