Додека чека да биде запишана во Гинисовата книга на рекорди, оваа џуџеста крава ги освои симпатиите на луѓето ширум светот. Стотици илјади туристи доаѓаат на фармата каде што се наоѓа Рани.
Во моментов, титулата најниска во светот ја носи крава по име Маникјам од индиската држава Керала, висока 61 сантиметар, а е запишана во Гинисовата книга на рекорди во 2014 година. Меѓутоа, тој статус наскоро би можел да ѝ го одземе Рани од фармата „Шикор Агро“ во Бангладеш.
Според Ројтерс, таа е висока само 51 сантиметар и тежи само 26 килограми, а сопственикот на фармата ја регистрирал за запишување во Гинисовата книга. Родена е во 2019 година, а според livescience, не се очекува дека уште ќе расне, иако минатата година добила 15 килограми.

Нејзиниот сопственик, Хасан Хуладар, ја купил минатата година од друга фарма во северозападната област Наогаон во Бангладеш.
Рани на бенгалски значи кралица, а оваа крава навистина е кралица, вели нејзиниот сопственик.
„Јаде само мала количина трици и слама двапати дневно, сака да скита надвор и среќна е кога ќе ја земеме во раце“, изјави тој за Би-би-си.
Зошто Рани е толку мала?
Еден од факторите поради кој оваа крава е толку мала е нејзината раса. Станува збор за векурски говеда (Bos indicus) кои се џуџести и често се одгледуваат бидејќи произведуваат големи количини млеко без потреба од голема количина храна.
Сепак, Рани е посебен примерок од тој вид, бидејќи е помала од вообичаените џуџести крави. Саједул Иславм, ветеринар од местото каде што се наоѓа нејзината фарма, објаснил дека е добиена со парење во сродство. Тој исто така напоменал дека не е добро многу луѓе да ја посетуваат фармата бидејќи можат да пренесат болести кои го загрозуваат животот на ова кревко животно, пренесува france24.
Покрај тоа, џуџестата појава кај кравите е последица на генетска мутација и често е придружена со здравствени проблеми. Поради ова, Рани има потешкотии при одење и се чува одделно од стадото. Таквите животни обично имаат пократок животен век.
