Веќе неколку години наназад, смрдливката е една од најлошите штетници во бавчите. Оној кој се занимава со одгледување на овошје и зеленчук сигурно имал прилика да ги види на дело.
Се чини дека од смрдливките најмногу страда доматот, иако ни останатото овошје и зеленчук не се поштедени. Некако до првиот дел од летото се минува и без нив, но веќе во втората половина на јули започнува нападот. Тие само чекаат да созреат плодовите, а потоа го вшмукуваат сокот. Предизвикуваат оштетување на плодовите и нанесуваат голема штета.
Прскање против смрдливки
За многумина употребата на хемиски инсектициди не доаѓа предвид во градината. Оние кои ги користеле, забележале дека смрдливките брзо развиваат отпорност на овие препарати, па треба често да се менуваат.
Од природни препарати можат да се користат масло, тутун и солена вода за прскање. Меѓутоа, сево ова има ограничено дејство и нема потполно да ги уништи. Поголема концентрација на овие препарати подобро делува, но прашање е колку ќе ги изгори вашите растенија.
Природни непријатели
Бубамарите ги јадат јајцата на смрдливките. Ако веќе сте виделе бубамари на доматот, можно е дека смрдливките веќе ги положиле јајцата. За возрасните инсекти смрдливки, пајаците се „терминатори“. Живината јаде смрдливки, но ако се пушти во бавча, може да настрада и зеленчукот.
Култури кои ќе ги жртвуваме
Познато е дека смрдливките многу сакаат домати и пиперки, но изгледа дека уште повеќе сакаат блитва. Обидете се да насадите блитва во градината и така да ги намамите смрдливките да одат на неа и да ги остават на мира вашите домати и пиперки.
Рачно собирање на смрдливки
Смрдливките можат да се собираат и рачно. Понесете кантичка со солена вода. Секое утро и вечер одете во бавчата и секоја смрдливка што ќе ја видите на зеленчукот фрлете ја во кантичката. Ова би требало да придонесе популацијата на смрдливки во бавчата да се намали, но дефинитивно не може да биде решение. Визуелното надгледување во бавчата не е сосема сигурно и одзема многу време.
Како вие се справувате со смрдливките?
