Регионот Калабрија планира да понуди до 28.000 евра (33.000 американски долари) во текот на три години на луѓето кои сакаат да се преселат во „заспаните“ села со помалку од 2.000 жители, надевајќи се дека ќе го запрат опаѓањето на бројот на жители.
Ова вклучува локации покрај море или планина, па дури и двете истовремено.

Меѓутоа, за да добијат финансиска помош, новите жители мора да се обврзат дека ќе основаат нов мал бизнис, без оглед дали од почеток, или со преземање на веќе постоечките занимања што се потребни на тие места.
Постои уште еден услов – кандидатите мора да станат резиденти и не смеат да имаат повеќе од 40 години. Тие исто така мора да бидат подготвени да се преселат во Калабрија во рок од 90 дена по одобрувањето на нивната апликација.

Властите во регионот се надеваат дека ќе привлечат проактивни млади луѓе кои бараат работа.
Џанлука Гало, регионален советник, изјави за Си-Ен-Ен дека месечните примања на овие млади луѓе ќе бидат во опсег од 1.000 до 800 евра во период од 2-3 години. Алтернативата е еднократна парична помош за започнување на нова комерцијална активност, без оглед дали станува збор за ресторан, фарма или отворање продавница.

-Веќе имавме огромен интерес и се надеваме дека, ако првата шема успее, ќе има уште повеќе во годините што доаѓаат – рече Гало.
Повеќе од 75 проценти од населените места во Калабрија имаат помалку од 5.000 жители, што предизвикува страв дека некои заедници може да исчезнат за неколку години, освен ако населението не се обнови на некој начин.
