Вирусот кафена набрчканост на доматите (Tomato Brown Rugose Fruit Virus (ToBRFV) ги нападна доматите во оранжериско производство во северозападна Бугарија. Според Аgronovinite, Бугарија веќе ја известила Европската организација за заштита на растенијата. Случајот е откриен во оранжерија во општина Мездра, а со цел да се спречи ширењето на вирусот, сите растенија во таа оранжерија биле уништени.
Покрај доматите, вирусот ги напаѓа и пиперките и компирите и може да уништи цели области на производство на зеленчук и во затворени простории и на нива. Се пренесува преку контакт (контаминирани алатки, раце, облека или директен контакт на заразени и здрави растенија), но и со материјал за размножување. Исто така, експертите се сомневаат и на пренесување со семе, затоа треба да обрнете внимание при купувањето и да користите дезинфицирано семе. За да се стави крај на ширењето на вирусот, истражувачите од холандската компанија за семе „Енза Заден“ идентификувале ген кој е отпорен на вирусот и најавија резистентна сорта.
Кои се симптомите?
Симптомите се манифестираат како хлороза, мозаик, дамки или збрчкани листови, а на плодовите се појавуваат жолти или кафеави дамки, по што се деформираат и неправилно зреат.

Вирусот е откриен минатата година во Франција, а во 2014 година се појавил на Блискиот Исток, по што во 2018 година се прошири во Европа, САД и Кина. Во Европската Унија и САД, ToBRFV во моментов има карантински статус, бидејќи неговите ефекти врз земјоделските култури можат да бидат катастрофални.
Студија на Светска банка за утврдување на ризик од заразни болести на растенијата во Бугарија покажува дека доматите, заедно со пиперките и компирите, се меѓу најчувствителните култури на вирусот. Исто така, тамошните власти повикуваат на претпазливост за да се спречат сериозни загуби.

Според предвидувањата на Центарот за економски истражувања во земјоделството (ЦАПА), производството на домати во Бугарија годинава ќе го надмине износот од минатата година за седум проценти и ќе достигне 125 илјади тони. Сепак, откупните цени за првиот квартал од 2021 година беа за 7 проценти пониски од минатата година, а цените на мало паднаа за три проценти.
Извор: agroklub.com
