– Во Република Северна Македонија за среќа, засега не е детектирано присуство на болеста Африканска свинска чума, ниту кај дивата, ниту кај питомата популација. Поради постоење на реална опасност од појава на болеста и во нашата земја која е присутна во некои од соседните земји, а со цел спречување на нејзина појава и ширење, Агенцијата за храна и ветеринарство ги засили контролите на граничните премини во однос на увозот на свежо свинско месо и производи од месо со задолжително земање на мостри за лабораториско тестирање на секоја пратка, изјави за Агротим, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски.
Тој потенцира дека во период на годишни одмори кога е зголемена фреквенцијата на патници кои влегуваат, излегуваат и транзитираат низ земјава во личниот багаж патниците да не носат храна од животинско потекло, особено месо и преработки од свинско месо, преку кои може болеста африканска свинска чума да се пренесе и кај нас и да направи неправи непроценливи штети на свињарството, гранка која во изминативе години достигна висок степен на рас и развој.

-Напоменуваме дека храната која ќе се најде кај патниците ќе им биде одземена од страна на надлежните државни органи на граничните премини. Во однос на активностите за спречување на појава и ширење на оваа болест, АХВ ги засили активностите со концесионерите на ловните друштва за кои остануваат на сила препораките за спроведување на засилен надзор во ловиштата и вршење на санитарен отстрел, со земање на мостри за испитување на присуство на болеста од секоја застрелана свиња. Во изминативе неколку години активно се работеше на подигнување на бисигурносните мерки на свињарските фарми – вели Бабовски.
Состојбата со болеста во соседството и во другите земји каде е потврдено нејзиното присуство од страна на Агенцијата будно се следи на дневна основа и доколку има нејзина појава и кај нас, Агенцијата навремено реагира.
Се интензивираат и воведените засилени мерки на контрола и на добиточните пазари во земјава. Од страна на официјалните ветеринари се вршат засилени контроли на движењето на добитокот, особено на свињите.
Останува забраната за одгледувачите на свињи во селските домаќинства за чување на свињите на отворено, односно свињите да не ги пуштаат на паша, бидејќи постои ризик тие да дојдат во контакт со диви свињи кои евентуално може да ја пренесат оваа болест.
-До ловџиите и ловните друштва апелираме до официјалните ветеринари или до најблиското ветеринарно друштво да го пријават секое угинување на диви свињи кое ќе го забележат при ловот, а ветеринарните друштва будно да ја следат здравствената состојба на свињите и до официјалните ветеринари да го пријават секој сомнеж за појава на оваа болест.Со цел заштита од внесување на вирусот на Африканска свинска чума во нашата земја, на сила остануваат донесените забрани од Агенцијата за храна и ветеринарство за увоз и транзит на свињи, производи и нус производи од свинско месо од земјите и регионите каде е потврдено присуство на болеста – рече Бабовски.
Почнувајќи од 2017 година, а гледајќи на оваа болест како потенцијално опасна не само за регионот, туку и кај нас, Агенцијата за храна и ветеринарство почна со спроведување на мониторинг на присуство на Африканска чума кај дивите свињи при што од секоја застрелана свиња се земаат примероци за испитување на присуство на вирусот на класична чума кај свињите, а се спроведува и мониторинг на присуство на класична чума кај дивите свињи. Изработени се планови за итни мерки и оперативни прирачници за Африканска чума кај свињите и за Класична свинска чума, преземени се мерки за подигнување на биосигурносните мерки на одгледувалиштата со свињи и направена е категоризација на комерцијалните фарми во однос на ризикот и степенот на спроведените биосигурносни мерки. Агенцијата спроведе едукативни кампањи за важноста од спроведување на мерките на биосигурносност на одгледувалиштата, како мерки за намалување на ризикот од појава и спречување на ширење на болеста наменети за одгледувачите на свињи и сопствениците на комерцијални фарми.

Интензивирана е соработката со институциите, Ловечката федерација, ловните друштва, Национални паркови, ЈП Македонски шуми и особено со МЗШВ Сектор за шумарство и ловство и Државна инспекција за шумарство и ловство во насока на размена на податоци и информации.
Африканската свинска чума не е болест која е опасна за луѓето, но, е високо заразна вирусна болест кај дивите и домашните свињи, која брзо се шири и предизвикува големи економски штети и загуби во свињарството. Болеста не се лекува и за неа не постои вакцина.

