Со потпишувањето на Спогодбата за упатување на претставник во Мисијата на Република Северна Македонија при Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации – ФАО, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство активно се вклучи во владиниот проект за зајакнување на економската дипломатија како важен дел од надворешната политика на нашата земја.
Нашата држава како членка на ФАО од 1993 година, има долгогодишна успешна соработка со оваа мултилатерална организација, заснована на бројни проекти и програми за зајакнување на конкурентноста на земјоделскиот сектор, поддршка на процесот на евроинтеграција преку хармонизација на легислативата во земјоделството, руралниот развој и безбедноста на храна и приближување кон стандардите на Унијата.
ФАО е значаен партнер на Владата во исполнување на предвидените цели во Националната стратегија за земјоделство и рурален развој, а во последните години се поголем акцент се дава на прилагодување кон климатските промени, зелениот развој, дигитализацијата во земјоделството и тежнеењето кон социјалната и родова еднаквост, се со цел да се создадат услови за достоинствен живот во руралните средини. Позиционирањето на Република Северна Македонија во ФАО и поддршката на земјоделството како еден од клучните економски ресори во нашата земја, преку активен пристап и лобирање, за нас е многу важно, бидејќи целта е успешно да се афирмираат националните економски интереси и да се прошири и зајакне поддршката што се обезбедува во моментов.
Оваа позиција која ја пополнуваме сега, покрај ФАО ги покрива и другите две важни организации на Обединетите Нации со седиште во Рим – Меѓународниот фонд за развој на земјоделството (ИФАД) и Светската Програма за храна, што отвора поле за нови проекти и развојни програми.
Согласно критериумите за избор, како претставник на државата ќе биде испратена Лидија Попандонова, стручен административен службеник, со долгогодишно искуство во соработка со меѓународните организации, богато искуство во соработката со ФАО и повеќегодишен директор на проектите на ИФАД, која ќе може професионално да ја презентира нашата земја и да придонесе кон унапредување на соработката на повеќе нивоа.
Фејсбук статус на Трајан Димковски

