Европската Унија и американскиот милијардер Бил Гејтс, планираат да соберат до една милијарда долари преку заеднички инвестициски фонд за воведување на технологии со ниско ниво на јаглерод, што и се потребни на Унијата во остварувањето на целите поврзани со климатските промени.
„Овие средства ќе бидат насочени кон производство на водород од обновливи извори на енергија, одржливи горива во авијацијата, технологии за отстранување на СО2 од атмосферата и долгорочно складирање на енергија“, објави денеска Европската комисија, пренесуваат странските медиуми.
Гејтс во изјавата порача дека декарбонизацијата на глобалната економија е најголемата можност за иновации што светот ги видел и дека очекува Европа да има клучна улога во процесот, благодарение на климатските амбиции и лидерството во науката и технологијата.
ЕУ се обврзува да има вкупно нула емисии на штетни гасови до 2050 година, а овие инвестиции ќе се фокусираат и на градење големи комерцијални проекти за намалување на трошоците за воведување нови технологии.
Тие ќе вклучуваат грантови и други финансиски инструменти, при што придонесот на ЕУ ќе доаѓаа од постоечките фондови, вклучувајќи го буџетот на Унијата и Фондот за иновации на ЕУ, а компанијата на Гејтс, Breakthrough Energy Ventures, ќе ја поддржи истата сума за покривање на фондот, со што од 2022 до 2026 година заеднички би зе обезбедиле до 820 милиони евра, односно една милијарда долари.
