„Осетлива тема и очекувани се реакциите. Но јас уште од почетокот повикав да го погледнат сите и да дадат забелешки по однос на законот. Треба да се знае дека ваков закон не се носи прв пат туку Законот за продажба на земјоделско земјиште е донесен во 2013 година. Со новиот закон којшто е изработен од страна на ФАО и странски експерти е направен закон со кој ќе се заштити земјоделското земјиште да се пренамени во градежно“, изјави министерот Хоџа во емисијата „Топ тема“ на Телма и додаде дека и сега се врши пренамена на земјоделско земјиште во градежно ако има потреба.
„Моментално во нашата земја се пренаменува земјиште, ако има барање од економија за геолошки истражувања. Се даваат под закуп, така што и после 10-тата година, ако државата цени, право е на Министерството да не дозволи да се пренамени“, вели министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа за емисијата „Топ тема“, коментирајќи го новото законско решение кое предвидува продажба до 50 илјади хектари државно земјоделско земјиште.
Според него, пренаменувањето на земјоделското земјиште се предвидува со Законот за земјоделско земјиште, но не се носи одлуката.
„Доколку завршува, после 10-тата година, странката бара да се пренамени, не може врз основа на овој Закон да го пренамени. Ќе треба да направи дополнително барање врз основа на законот и Законот за урбанизам и треба Транспорт и врски да нè праша нас како Министерство дали се согласуваме за пренамена“, вели Хоџа.
Со новиот нацрт закон ќе се продава државно земјоделско земјиште за цена од 0,20 евра до 1 евро по метар квадратен или од 12 до 61 денари. Ќе може да се продадат до 50 илјади хектари слободно земјоделско земјиште. Освен утврдената цена, она што е различно од законското решение донесено во 2013 година е што после 10 години земјоделското земјиште освен за градежни активности ќе може да се даде и под концесија за геолошки истражувања или експлоатација на минерални суровини.
Министерот Хоџа во емисијата појасни за важноста од носењето на законот за привлекување на стратешки инвеститори кои имаат услов да инвестираат минимум 30 милиони евра.
„Со овој закон се овозможува и малите земјоделци да земат земјоделско земјиште под закуп и напоредно да се продава земјоделско земјиште на инвеститорите. Први може да го купат тие што го користат земјоделското земјиште и ќе има приоритет и ќе бидат заштитени земјоделците кои имаат активен договор за земјоделско земјиште“, рече Хоџа.
