Снегот во Струмичко е добредојден за житните култури, но студот предизвикува проблеми на расадот кај одредени градинарски култури кои ќе се садат на отворено подоцна, информираат градинари од Струмичко.
– Во повеќе пластеници во селото Банско се регистрирани штети кај расадот за пиперки и тиква заради ниските температури. Расадот треба да биде заштитен со дополнително затоплување, но секаде тоа не е можно да се направи, рече Даме Тренчовски производител на лути пиперки од Банско.
Засега снегот не причинува штети врз пластениците, бидејќи е сув и лесно се отстранува.
Експертите предупредуваат дека студот, кој се најавува наредните денови, може да предизвика штети кај овошните насади доколку вечер и утре има екстремно ниски температури.
– Овие денови ќе биде критично за пролетната зелка која е расадена во пластеници и нема дополнително затоплување. Доколку вечер температурите паднат на минус 15 степени, тогаш лозјата и овошните насади ќе имаат штета. Топлото време на почетокот на јануари предизвика растење на ластарите кај овошките и почна сокодвижењето. Незрелите ластари на толку ниски температури ќе замрзнат и нема да има род, објаснува д-р Ристо Вучков, експерт за заштита на растенија.
Според Ристо Велков, од Сојуз на синдикат на земјоделски производители, снегот и ниските температури ги изложуваат градинарите на дополнителни трошоци за затоплување на пластениците. Тој апелира до производителите да го заштитат производството, посебно расадот, за да немаат штети и да може без поголеми проблеми да ги поминат екстремно ниските температури и студот.
Утрово во Струмица се измерени над 20 сантиметри снег, а во 07:00 часот температура изнесувала минус 13,5 степени.
Сите регионални и локални патни правци се проодни, а сообраќајот се одвива во зимски услови.
МИА
