Измамите со фондовите на Европската унија стануваат сè почести во Бугарија. Затоа, ЕУ бара поврат на 12 милиони лева или 6,1 милиони евра, кои биле наменети за земјоделски проекти во рамките на Програмата за рурален развој (2007-2013).
Во периодот од 2014 година до сега, Европската комисија веќе блокираше околу 8 милиони евра од таа програма, што значи дека во периодот од 2014 до 2020 година, бугарските власти предизвикале финансиска штета во вкупен износ од 14 милиони евра.
Повеќето од грешките се направени во општинските проекти
Најмногу грешки беа откриени во проектите спроведени од општините, пренесува „Медиапул“, повикувајќи се на одлуката објавена во Службениот весник на ЕК, на 18-ти ноември.
За разлика од проектите од Програмата за рурален развој, кои обично 50 % се субвенционирани од фондовите на ЕУ, а остатокот го обезбедува апликантот, јавните проекти на општините биле финансирани 100% со поддршката добиена од Брисел.
Генерално, ова се инвестиции за изградба на патишта во руралните области, канализација, реновирање на јавни згради и слично. Приматели на средствата можеле да бидат и училишта, градинки, центри на заедницата, цркви и владини институции.
Државниот фонд за земјоделство тврди дека побарувањето за поврат на средствата доаѓа по контраверзните услови за избор на добавувачи. На пример, општината избра градежна компанија која понуди најкраток период на градење од 90 дена на тендер. Подоцна, со увидот се утврди дека работите траат подолго, што значи дека изведувачот незаконски го рангирал победникот на конкурсот.
ЕУ ги суспендира парите и за други 15 земји-членки
Извршниот директор на земјоделскиот фонд, Васил Грудев, коментира дека ЕК, со цел да ги идентификува овие проблеми со општинските проекти, ангажирала надворешен ревизор т.е компанијата „Moore Stephens International”, која веќе извршила ревизија на претходните проекти од 2014 до 2018 година.
Одлуката на Комисијата покажува дека, покрај Бугарија, слични финансиски санкции се воведени и против Грција, Естонија, Шпанија, Италија, Литванија, Германија, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Унгарија, Франција, Чешка и Шведска. Вкупната корекција за сите нив, вклучувајќи ја и Бугарија, изнесува 55,9 милиони евра.
Да потсетиме, неодамна исто така во Бугарија, истражувачката новинарка, Валија Ажијева, ја откри измамата за користење средства од ЕУ и измамата направена од тамошните компании. Таа откри дека стотици хектари земјоделско земјиште во селото Дабово биле насеани со соја – но само на хартија.
Милиони евра субвенции се трошат и на пасишта каде пасат виртуелни овци, кои ги има само во системите на Бугарската агенција за безбедност на храна (БФСА), а всушност не постојат на фармите.
Извор: Агроклуб
