Традицијата на берење печурки во Кривопаланчекиот крај трае долги години. Оваа година мораме да признаеме дека родот беше извонреден, многу печурки имаа рекордна берба. Бербата на печурки во овој крај, всушност е и еден од начините да се надополни семејниот буџет, поточно извор на дополнителни финансиски средства, но и дишење на чист воздух.

Еден од нашите соговорници,70 годишниот чичко Раде, кој го сретнавме со преполни ранци со печурки, вели дека некогаш било подобро, бидејќи цената била многу повисока.
– „Не се жалам, овде не вложувам ништо, колку ќе наберам, толку ќе продадам и добро ми доаѓа тоа. Во ридестата дабова и букова шума берам вргањ, лисичарки, јајчарки, срндак, а сега овој период ја берам есенската печурка како и боровиот вргањ и рујница. Ова ти е како рибарството, едноставно те привлекува и те опушта, додека газиш по мекиот шумски тепих од паднати лисја, едноставно уживаш во боите на есента“, раскажува нашиот соговорник.

Чичко Раде, вели дека печурки бере уште од мал. „Најпрво одиме по оние сезонските, а потоа по останатите. Многу е важно да се знаат кои печурки се отровни, тие треба да се заобиколуваат и воопшто да не се допираат, но не и да се уништуваат и гмечат со чевелот, бидејќи природата има своја рамнотежа и треба да се почитува“ вели тој.
Временските прилики годинава одговараа за раст на печурките и ги имаше многу. Сепак берачите се пожалија дека не се задоволни од откупната цена, која во месец јуни за прва класа изнесуваше од 200-250 денари, додека во месец август од 50 до 100 денари за килограм печурка дубичарка која ја имаше премногу. Од неа дневно еден берач на откупните пунктови носеше и по 30 кг, но големиот род резултираше со драстичен пад на цената. На голем број печуркари не им се исплаќаше да ги предаваат печурките за 50 денари по килограм, па затоа ги сечеа и ги сушеа на жешкото сонце, очекувајќи повисока цена.

– „Искусен берач на печурки кај нас дневно може да заработи и по сто евра, а ако си професионалец и знаеш како и каде да ги најдеш за време на сезона можеш да заработиш и до 3000 евра. Печурката е предизвик за кривопаланчани, а интересно е тоа што не сме сега само старите печуркари по планините и шумите, често околу дрвјата забележуваме и групи на помлади луѓе кои ги „фатило“ печуркарството“, се шегува нашиот соговорник.
Како што дознаваме од разговорите со сопствениците на откупните пунктови, дневно за првата берба во мај- јуни се откупувале по околу 3 – 4 тони дневно од пет до шест пункта на подрачјето на Кривопаланечко, додека во месец август со појавата на дубичарката се откупувале и до 12-13 тони на ден свежи печурки. Не информираа дека поголемиот дел с камиони ладилници заминувале за извоз најчесто во Италија, Франција, Португалија, Германија, а помал дел останал за домашниот пазар, за потребите на трговските синџири и угостителите и тоа во свежа и сушена состојба.


-„Не бев задоволен од цената на свежите печурки во август, кога падна на 60 денари за килограм, а дневно знаев да соберам и до 30 килограми, па затоа ќе седневме во двор со сопругата и цела вечер ќе ги сечкавме печурките за да ги ставиме на сита за сушење. За еден килограм сушен вргаљ ми се потребни околу 6 килограми печурки во свежа состојба. За овој процес треба многу труд и мора да се внимава да не ги фати дожд, бидејќи отиде од рака целиот вложен труд, се ќе скапи. Ноќе пак мора да се внесат внатре оти не смее да ги фати студениот ноќен воздух на Осоговието“, ни раскажува овој стар и искусен печуркар.

Според него најдобро време за печурките е есента. Тогаш печуркарите одат во шума да ги собираат се до појавата на првите мразеви. Во есен печурките се поцврсти, поиздржливи и не се погодени од штетни инсекти. Големите количини на дожд, ниските температури во текот на ноќта и другите есенски услови се извонредни за раст на есенскиот вргањ. Голем е предизвикот на печуркарите во овој месец , по високите ридови, во шумата и по земјата која е покриена со паднатите лисја во секакви бои , да ги пронајдат скриените печурка.
Кога ќе се најдеат есенските печурки лесно се препознаваат. Имаат голема и широка капа со дијаметар од 7-30 см и може да биде во кафеава или валкана бела боја. Колку е постара печурката толку и капата и е потемна, кога има поголема влажност на воздухот таа е покриена со слуз додека во нормални временски услови, нејзината површина е матирана или сјајна.

