Земјоделците кои имаат сметки во „Алта банка“ не треба да стравуваат дека ќе ги загубат субвенциите поради актуелните проблеми со банката. Доколку сакаат парите да ги добиваат преку друга банка, доволно е да достават барање за промена на трансакциската сметка до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Исплатата потоа ќе продолжи на новата сметка, вели директорката на Агенцијата Данијела Иротова Лазарева, во интервју за „Слободен печат“. Таа нагласува дека промената на сметките не е нова постапка за Агенцијата и дека вакви барања редовно се обработуваат.
– Не сакам да се создава паника или тензија меѓу земјоделците дека ќе останат без субвенциите. Агенцијата тековно работи со промена на сметки по барање на барателот. Субвенциите ги исплаќаме на сметка што ќе ја достави барателот – вели Иротова Лазарева.
Таа појаснува дека одлуката е на самиот земјоделец – може да достави нова трансакциска сметка во друга банка или да ја остави постојната во „Алта банка“.
– Во секој случај, субвенциите нема да пропаднат“ – децидна е директорката.
Директорката вели дека од 100 милиони евра земјоделски субвенции, значителен дел се наменети за подмирување на наследените обврски од претходните години, а не само за новите мерки. Како што вели, во изминатата година се исплатени околу 14 до 15 милијарди денари за заостанати обврски кон земјоделците.
Сепак, сè уште има неисплатени субвенции за млеко за шест месеци од 2025 година, поддршка за градинарски култури по килограм, како и за регистрирани земјоделци за вршење земјоделска дејност за 2024 година. Директорката очекува до крајот на февруари следната година да бидат подмирени преостанатите обврски заклучно со 2025 година, а да се обезбедат средства и за реализација на 50 до 60 проценти од програмата за 2026 година.
Од актуелните исплати, таа го посочува тутунот, за кој се исплатени околу 2,1 милијарда денари, додека за лозарите и овоштарите се предвидени околу 1,5 милијарди денари поддршка.

