Повремените врнежи од дожд кои паднаа во изминатата недела не беа доволни за надопoлнување на влагата во почвата особено за есенските посеви, каде оптималните рокови за есенска сеидба се во тек. Дождот беше полезен за површинскиот слој, но не и за подлабоките слоеви на почвата. Поради долготрајниот сушен период во текот на летото, резервите на влага во почвата се речиси целосно исцрпени во поголемиот дел од регионите. Во вакви услови, дури и ако културите поникнат, тие влегуваат во зимата недоволно подготвени и може да претрпат штети од ниските температури. Потребата од влага е подеднакво важно и кај зеленчуковите култури, за да се спречи засушување во раните етапи од нивниот развој.
Бидејки следува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет, состојбата во целост ќе ги подобри условите на терен. Пообилни врнежи се очекуваат во недела и на почетокот на следната седмица. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. До крајот на периодот ќе дува слаб до умерен ветер, претежно од северен правец. Минималната температура ќе се движи во интервал од -1°C до 10°C, а максималната температура ќе се движи во интервал од 08°C до 18°C.
Најавениот влажен бран со долготрајни и пообилни врнежи ќе има позитивно влијание врз земјоделството. Овие врнежи ќе овозможат oптимални услови за никнување и презимување, брз и рамномерен раст, правилно братење на есенските култури. Благодарение на оваа влага, посевите ќе влезат во претстојната зима силни, добро вкоренети и максимално отпорни на ниски температури и мразеви. Дополнително, дождовите значително ќе ја подобрат структурата на почвата и ќе ја олеснат финалната предсеидбена подготовка, правејќи ја обработката побрза и поквалитетна. Додека во градинарството веќе е во тек садењето на одредени култури, во лозарството виновата лоза веќе се подготвува за зимски одмор, период во кој листовите сè уште вршат фотосинтеза и акумулираат хранливи материи во ластарите и окцата за следната вегетација, а кај овошните насади сè уште се изведува бербата на некои доцни сорти, па затоа апелираме до земјоделците паметно да ги искористат претстојните денови за подготовка и заштита на своите насади.
Извор: Агрометео

