Околу два тона небезбедно свежо и замрзнато месо, како и подготовки од месо, се одземени вчера по вонредните инспекциски контроли во малопродажни објекти за месо, подготовки и преработки од месо на подрачјето на Општина Радовиш што ги спроведе Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и денеска ќе бидат уништени на депонијата „Дрисла“.

Како што информира АХВ, вчера биле спроведени контроли и кај физичко лице во неготинското село Пепелиште, кое вршело неодобрена дејност – производство на димени месни производи и чварки и нивна продажба преку социјалните мрежи. Од него се одземени 50 килограми подготовки од месо (печеница, кулен, димена сланина,…).

-Одземените производи се без декларација за потеклото и биле чувани и преработувани во несоодветни и нехигиенски услови, што претставува сериозен ризик за безбедноста на храната и здравјето на потрошувачите, наведува АХВ.

Агенцијата најавува дека инспекциските контроли ќе продолжат, со цел заштита на здравјето на граѓаните и спречување нелегално производство и промет на небезбедна храна.
АХВ

