Медена торта е класичен домашен колач со четири тенки, миризливи кори со мед и цимет, меѓу кои се распоредува нежна млечна крема со ванила. Најубава е кога ќе отстои, бидејќи корите ја впиваат влагата од кремот и стануваат меки и сочни.
Состојки за корите:
- 100 г шеќер
- 1 кесичка цимет-шеќер
- 120 г путер
- 75–80 г мед
- 50 мл млеко
- 1 јајце
- 1 прстофат сол
- 450 г бело брашно
- 1 лажица сода бикарбона
За кремот:
- 600 мл млеко
- 150 г шеќер
- 30 г гриз
- 50 г густин
- 1 кесичка бурбон ванилин шеќер
- 250 г омекнат путер
За посипување:
– Шеќер во прав
Подготовка: Во тенџере измешајте ги млекото, шеќерот, гризот, густинот и ванилиниот шеќер. Варете на умерена температура со постојано мешање со жица додека смесата да се згусне како пудинг. Покријте ја површината со проѕирна фолија и оставете целосно да се излади на собна температура.
Загрејте ја рерната на 180 °C. Во тенџере ставете ги шеќерот, цимет-шеќерот, путерот, медот, млекото и јајцето. Загревајте на тивок оган со постојано мешање додека состојките да се соединат и стопат. Тргнете од оган и оставете околу 5 минути да се подизлади. Во длабок сад измешајте ги брашното, содата бикарбона и солта.
Додајте ја топлата смеса со мед и замесете меко тесто. Поделете го на четири еднакви дела. Секој дел развлечете го меѓу два листа хартија за печење во правоаголник со димензии приближно 20 × 30 см. Отстранете го горниот лист и избоцкајте ја кората со вилушка. Печете ги корите поединечно, околу 7 минути на 180 °C, додека добијат темнозлатна боја. Внимавајте да не ги препечете, бидејќи се тенки. Оставете ги целосно да се изладат. Изматете го омекнатиот путер 4–5 минути, додека стане светол и кремаст.
Постепено додавајте од изладениот млечен крем, лажица по лажица, матејќи додека добиете мазен и изедначен фил. Ставете ја првата кора на рамна подлога и премачкајте ја со една третина од кремот. Покријте со втората кора, лесно притиснете со дланките и повторете ја постапката.
Продолжете така додека ги наредите сите четири кори, а последната оставете ја без фил. Покријте ја тортата и оставете ја во фрижидер најмалку 24 часа за корите да омекнат и вкусовите да се соединат.
Пред послужување посипете ја медената торта со шеќер во прав и исечете ја на коцки или правоаголници.
Совет:
Медената торта е највкусна вториот и третиот ден, кога корите целосно ќе ја впијат влагата од кремот. Чувајте ја во фрижидер.
МИА
