Готвачи од Битола, Скопје, Куманово, но и од Турција и Унгарија ќе подготвуваат чкмебе чорба, а најуспешните ќе бидат наградени на првиот „Чкембе Фест“ што викендов ќе се одржи во Битола.
Организаторите на прес – конференција соопштија дека манифестацијата се организира со цел да ја афирмира македонската традиционална храна и посебно познатата битолска чкембе чорба, а наскоро во старата чаршија ќе иницираат да се постави и споменик Чкембар.

-Познатата чкембе чорба во Битола се подготвува со години и рецептот се пренесува од колено на колено во секоја генерација и затоа не случајно битолчани ги нарекуваат „чкембари“. Нашата чкембе чорба сакаме да ја вкусат гостите на градот кои сакаат македонска традиционална храна. Но, на оваа викенд манифестација ќе отвориме теми за значењето на гастро-туризмот како алтернативна форма на туризмот и неговото значење за локалниот туризам. Очекуваме посебно претставување на гостите од турскиот град Измир кои ќе подготват искембе-чорбаши, како и гостите од Унгарија кои ќе подготват производ од чкебе. Битола како град е вистинското место за „Чкембе фест“, спојува повеќе области и затоа ги вклучивме младите спортисти и навивачи од навивачката група „Чкембари“, ги вклучивме жените ракотворци кои на македонската јавност ќе им ги покажат своите вештини, а имаме и натпреварувачи кои ќе се вклучат во гастро-натпреварите, истакна Никола Каровска, член на организацискиот тим.
Во рамки на годинешниот „Чкембе Фест“ ќе се одржи трибина на тема „Балканската кујна, традиција и актуелните тенденции во туризмот и угостителството“, спортски турнир во мал фудбал, презентација на органска храна, а на плоштадот „Магнолија“ утре ќе биде поставен казан со чекмбе чорба.
МИА
