Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, во рамки на работната посета на Ресен оствари средби со претставници на секторот, при што една од главните теми беше состојбата со цената на индустриското јаболко и загриженоста на производителите.
Хоџа посети откупен пункт за јаболка и преработувачката компанија RAUCH, каде што се запозна со ставовите и предизвиците на страните вклучени во процесот на откуп и преработка.

„Цената на индустриското јаболко е едно од прашањата што во моментов ги засега производителите. Важно е да разговараме со сите страни, да ги слушнеме нивните аргументи и да има комуникација и разбирање меѓу производителите, откупувачите и преработувачите“, изјави Хоџа.
Во рамки на посетата, Хоџа ја посети и Подрачната единица на Министерството во Ресен и Државниот инспекторат за земјоделство, каде што се разговараше за актуелните прашања што ги засегаат земјоделците од регионот.

Се разговараше и за аплицирањето за финансиска поддршка во земјоделството и рокот за поднесување на барањата, кој завршува на 30 септември.
МЗШВ
