На Градскиот плоштад во Прилеп денеска ќе се одржи настанот „Соларен саем Прилеп“, во организација на Центарот за климатски промени.
Како што соопштуваат организаторите, настанот има за цел да ја доближи темата за користење на сончевата енергија и обновливите извори до граѓаните преку информативни и интерактивни активности.
– Посетителите ќе можат да се информираат за придобивките од користење соларна енергија, можностите за поставување фотонапонски системи во домаќинствата, како и пошироките чекори за вклучување во енергетската транзиција, вклучително и концептот на просумер, граѓанин кој произведува и троши сопствена електрична енергија – стои во соопштението.
Во рамки на саемот ќе бидат поставени штандови од различни организации и компании, каде што граѓаните ќе можат директно да се информираат за техничките решенија, актуелните понуди и практичните аспекти за инсталација.
Предвидени се и интерактивни активности и демонстрации поврзани со користењето на соларната енергија, симулации на производство и потрошувачка на електрична енергија, како и едукативни работилници за деца со цел приближување на концептот на обновливи извори на енергија до најмладите.
Настанот се организира како дел од проектот „Зајакнување на позитивната перцепција за процесите на праведна транзиција на локално ниво“, кој се спроведува во рамките на иницијативата „Финансирање на поправедни иднини: Проширување на ангажманот и овозможување на инклузивна и родово трансформативна климатска правда во Европа и пошироко“, координиран од CAN Europe и кофинансиран од Европската Унија.
МИА
