Агенцијата за храна и ветеринарство категорично ги демантира тврдењата изнесени на вчерашната прес-конференција од страна на претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци и кози, Насер Џемаили и Милена Величковиќ, кои се однесуваат на актуелната состојба со болеста сипаници кај овците и козите, бројот на угинати животни, спроведувањето на мерките, нештетното отстранување на евтаназираните/убиените животни, обесштетувањето и вакцинацијата.
Заради точно, објективно и целосно информирање на сточарите и пошироката јавност, АХВ ја соопштува фактичката состојба врз основа на официјалните податоци и активностите што секојдневно се спроведуваат на терен.
Угинати се 196, а евтаназирани/убиени 7.316 овци и кози
Една од најсериозните неточности во јавно изнесените информации е поистоветувањето на животните угинати како последица на болеста со животните евтаназирани/убиени во рамки на мерките за контрола и сузбивање на болеста. Според официјалната евиденција на АХВ, од болеста угинати се 196 овци и кози, додека 7.316 животни се евтаназирани/убиени како дел од мерките за спречување на ширењето и искоренување на болеста. Станува збор за две суштински различни категории кои не смеат да се поистоветуваат. Угинати се животните кај кои смртта настапила како последица на болеста, додека евтаназираните/убиените животни се усмртени во рамки на официјалните мерки за контрола на заразата, со примена на дозволени механички методи или со употреба на соодветен инјекционен раствор, согласно пропишаните процедури.
Оттука, јавно изнесените тврдења дека од сипаници „угинале меѓу 7.000 и 10.000 овци“ не соодветствуваат со официјално евидентираната состојба. Поистоветувањето на овие категории создава погрешна претстава за смртноста предизвикана од самата болест и ја доведува јавноста во заблуда во однос на реалната епидемиолошка состојба.
Болеста е потврдена во 63 жаришта, депопулација е извршена на 53 одгледувалишта
Во моментов болеста сипаници кај овците и козите е потврдена во 63 жаришта, распоредени во четири региони во Република Македонија. Во рамки на мерките за контрола и сузбивање на болеста, депопулација е извршена на 53 одгледувалишта, при што вкупно 7.316 овци и кози се евтаназирани/убиени.
Најголем број жаришта има во Источниот Регион, каде што се регистрирани 50 од вкупно 63 жаришта, односно 79,4 проценти од сите регистрирани жаришта. Во овој регион се евидентирани 7.216 приемчиви животни, 160 позитивни, 156 угинати и 4.815 евтаназирани/убиени животни. Во Североисточниот Регион се регистрирани 7 жаришта, во Вардарскиот Регион 5, а во Скопскиот Регион 1 жариште.
Официјалните податоци јасно покажуваат дека бројот на жаришта, бројот на одгледувалишта на кои е спроведена депопулација, бројот на приемчиви и позитивни животни, бројот на угинати и бројот на евтаназирани/убиени животни претставуваат различни категории и не смеат да се поистоветуваат или произволно да се интерпретираат.
АХВ секојдневно ја следи состојбата на терен
Агенцијата за храна и ветеринарство преку своите надлежни служби секојдневно врши проценка на епидемиолошката состојба на терен и ги приспособува мерките согласно развојот на болеста и проценката на ризик.
АХВ ги повикува сите одгледувачи на овци и кози, доколку забележат клинички знаци кои можат да укажуваат на појава на болеста, веднаш да го пријават сомнежот до надлежното ветеринарно друштво, официјалниот ветеринар во надлежната подрачна единица или директно до Агенцијата за храна и ветеринарство. Навременото пријавување е од исклучително значење за брзо преземање на пропишаните мерки, навремено спроведување на депопулацијата и спречување на понатамошното ширење на болеста.
Непријавувањето или задоцнетото пријавување на сомнителните случаи може значително да го отежне контролирањето на заразата и да овозможи нејзино ширење во други одгледувалишта. Согласно Кривичниот законик, секој оној кој што за време на епидемија или пандемија на некоја болест кај животните што може да го загрози сточарството или живинарството не постапи според одлука на надлежен орган донесена врз основа на пропис со која се определуваат мерки за отстранување или спречување болест и со тоа предизвика ширење на болеста или на нејзините причинители, предвидена е парична казна или казна затвор до три години.
Неточни се наводите за постапувањето со евтаназираните/убиените животни
АХВ ги отфрла тврдењата за наводно непочитување на биосигурносните мерки при постапувањето со евтаназираните/убиените животни, нивното отстранување од одгледувалиштата и нивното нештетно отстранување.
И во изминатиот период господинот Џемаили во јавноста изнесуваше тврдења во однос на начинот на постапување со животните, нивниот транспорт, закопувањето и постапувањето со заразениот материјал, кои АХВ ги отфрла како неточни.
Евтаназијата/убивањето, транспортот и нештетното отстранување на животните се спроведуваат согласно пропишаните процедури и со примена на предвидените биосигурносни мерки.
Во однос на тврдењата дека институциите се „конфузни“ и дека ги „нема на терен“, АХВ потенцира дека секој надлежен орган постапува во рамките на своите законски утврдени надлежности. Агенцијата не може да презема надлежности на единиците на локалната самоуправа или на други институции, ниту да постапува спротивно на законски утврдената поделба на надлежностите. Притоа, господинот Џемаили во континуитет е навремено информиран за сите превземени активности од страна на Агенцијата, вклучително и на последниот состанок одржан на 26 август 2026 година со повеќе здруженија на одгледувачи на овци и претставници на кланиците во Македонија.
АХВ навремено побара обезбедување вакцини
Како надлежен орган за донесување одлука за примена на вакцинација против болеста сипаници кај овците и козите, Агенцијата за храна и ветеринарство навремено презеде активности за обезбедување вакцини.
АХВ се обрати до Европската комисија, Амбасадата на Република Турција во Република Македонија, како и до Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), со барање за обезбедување донација на вакцини против болеста, со цел спречување на нејзиното понатамошно ширење, доколку стручната проценка покаже дека вакцинацијата треба да биде применета.
Фактот дека АХВ презела активности за навремено обезбедување вакцини не значи дека нивната примена може да се спроведува неконтролирано, без одлука на надлежниот орган и без претходна стручна проценка. Притоа, за вакцинацијата одлучуваат стручните проценки и анализи. Агенцијата, преку експертските тимови формирани од директорот на АХВ, континуирано ја следи епидемиолошката состојба со сипаници кај овците и козите на територијата на Република Македонија.
Во стручната проценка и разгледувањето на мерките за справување со болеста се вклучени експерти од Агенцијата за храна и ветеринарство, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Факултетот за ветеринарна медицина и Ветеринарната комора на Република Македонија, од кои се обезбедуваат стручни мислења и препораки за понатамошното постапување и можностите за примена на вакцинација.
Дополнително, преку Европската комисија и ЕУВЕТ тимот е обезбедена дополнителна експертска поддршка и стручни совети во однос на справувањето со болеста и изборот на најсоодветните мерки за нејзина контрола и искоренување од територијата на Република Македонија.
Одлуката за вакцинација мора да се заснова на актуелната епидемиолошка состојба, стручната проценка на ризикот и анализа на ветеринарно – здравствените и економските последици. При носењето на одлуката мора да бидат земени предвид и потенцијалните последици за трговијата, вклучително и извозот на јагнешко месо на пазарот на Европската Унија.
Наводите за незаконска вакцинација се сериозни и мора да бидат пријавени
Особено сериозни се тврдењата на господинот Џемаили дека одредени сточари самостојно набавиле вакцини од Република Турција по незаконски пат и дека на терен веќе се врши неовластена вакцинација.
Доколку господинот Џемаили и било кој друг сточар располага со конкретни информации, сознанија или докази за незаконско внесување, набавка, дистрибуција или употреба на вакцини, АХВ го повикува без одлагање да ги достави до надлежните институции, вклучително и до Основното јавно обвинителство, за тие да бидат проверени и да бидат преземени соодветни дејствија. Станува збор за сериозни наводи кои не треба да останат само на ниво на изјави во јавноста.
Овие информации се од особено значење и од стручен аспект. Иако вакцинацијата претставува една од можните алатки за контрола на болеста, евентуалната претходна неовластена вакцинација со препарати кои не се одобрени и контролирани од надлежните органи може значително да ја усложни стручната проценка за понатамошното постапување.
Доколку одредени стада претходно биле вакцинирани со вакцина со непознато потекло, состав, услови на транспорт и чување или начин на примена, потребно е стручно да се процени како евентуалната втора вакцинација со одобрена вакцина би влијаела врз животните и какви би можеле да бидат последиците од нејзината примена. Токму затоа АХВ апелира до сточарите да не набавуваат и да не применуваат вакцини на своја иницијатива и надвор од официјалниот систем.
Не станува збор за „откуп на овци по 100 денари за килограм“
АХВ го демантира и тврдењето со кое кај сточарите и јавноста се создава впечаток дека евтаназираните/убиените, односно одземените животни, се „откупуваат“ по цена од 100 денари за килограм жива мера. Не станува збор за откуп на живи животни. Станува збор за постапка за процена и надомест на штетата, која се спроведува согласно важечките прописи и утврдените процедури. Претставувањето на оваа постапка како откуп по фиксна цена од 100 денари за килограм создава погрешна претстава кај одгледувачите и јавноста. Притоа, Агенцијата на транспарентен начин ја има објавено Одлуката за определување на пазарната вредност на животните кои се одземаат заради сузбивање и искоренување на заразни болести на територија на Република Северна Македонија бр. 02-2643/2 од 28.07.2026 година. Истата е усогласена со земјоделскo пазарниот информативен систем (ЗПИС) на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Дезинформациите го отежнуваат справувањето со болеста
Агенцијата за храна и ветеринарство ја разбира загриженоста на одгледувачите и сериозните економски последици што појавата на болеста ги предизвикува за сточарските стопанства. Токму затоа, во ваква состојба е од исклучително значење јавноста да располага со точни, проверени и стручно интерпретирани информации.
Поистоветувањето на 196 животни угинати од болеста со 7.216 животни евтаназирани/убиени во рамки на мерките за нејзино сузбивање, како и нивното претставување како илјадници животни кои „умреле од сипаници“, не ја отсликува фактичката состојба.
Јавното ширење неточни или непроверени информации за бројот на угинати животни, постапувањето на институциите, вакцинацијата и преземените мерки може да создаде недоверба кај сточарите, да поттикне непочитување на официјалните мерки и со тоа дополнително да го отежне справувањето со болеста.
Затоа АХВ ги повикува господинот Џемаили, госпоѓа Величковиќ, претставниците на здруженијата и сите други чинители кои јавно говорат за состојбата да се воздржат од пласирање непроверени информации и да ги користат официјалните податоци и точната стручна терминологија, за кои благовремено се информирани.
Борбата против заразната болест бара координација, одговорност и соработка на институциите, ветеринарните служби и самите одгледувачи, а не создавање конфузија и недоверба во јавноста.
Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи секојдневно да ја следи состојбата на терен, да ги спроведува мерките за контрола и сузбивање на болеста, да соработува со домашните и меѓународните стручни институции и навремено и транспарентно да ја информира јавноста за развојот на епидемиолошката состојба и за сите преземени мерки.
