На прашањето до земјоделците на кое производство или земјоделска гранка е потребна итна помош од државата, најмногу производители одговараат дека поддршка им треба на сите земјоделци околу пласманот и откупните цени, а најмногу побрза исплата на субвенциите.
Производителите на житарици се жалат на ниска откупна цена и очекуваат поддршка од Владата од 5 денари за килограм предадена пченица, преку интервентен фонд. Производителите на пченица од Пелагониско бараат државата според Законот да оддели по 5 денари од Интервентниот фонд за килограм откупена пченица со што ќе им доплати на земјоделците кои пченицата ја продадоа по само 10 и 9,5 денари.
За оризопроизводителите ова е најлоша година со пласманот и цената на оризовата арпа и вишокот на оризот кој стои во амбарите.
Лозарите веќе реагираат на ниската цена на трпезното грозје. За винското грозје веќе се изјаснија дека е ниска откупната цена.
Овоштарите и тие се жалат на стихиен пласман и ниска откупна цена на сливата и другите култури.
Најдраматично е сепак за одгледувачите на овци и кози кои алармираа на позасилена акција од страна на институциите во сузбивање на болеста сипаници кај ситниот добиток, затоа што состојбата е загрижувачка. За утре е најавена прес конференција на Сојузот на одлгледувачи на овци на кои ќе се апелира на поголема акција од страна на сите релевантни фактори.
Пчеларите се се’ погласни во барањето за исплата на субвенциите како и млекопроизводителите кои реагираат на ниска откупна цена и доцнење на исплатата на субвенциите за млеко и грло добиток.
Листата е подолга, земјоделците од речиси сите земјоделско – сточарски гранки се разочарани и очекуваат поддршка од Владата во надминување на моменталната состојба во земјоделското производство.
Агротим
