Мирисот на свежо искосена трева, звукот на косите и спомените на постарите генерации денеска повторно оживеаја во Делчево, каде за првпат се одржа натпревар во рачно косење трева. Манифестацијата, која е дел од програмата на „Делчевско културно лето“, собра повеќе од 20 натпреварувачи од Делчево и од повеќе градови во државата, а ја проследија и голем број граѓани.
Учесниците ги одмерија своите вештини во брзина, техника и умешност во користење на традиционалната коса, а покрај натпреварувачкиот дел, посетителите имаа можност да видат различни видови коси – швајцарски, босански и традиционални македонски, како и демонстрација на старите начини на нивно подготвување и одржување.
Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, рече дека идејата за организирање на ваков настан произлегла по посетата на сличен натпревар во Швајцарија, по што, во соработка со иселеници од Делчево, била реализирана како нова содржина во рамки на „Делчевско културно лето“.

– За првпат организираме ваков натпревар во Делчево и можам да кажам дека сум пријатно изненаден од интересот. Имаме повеќе од 20 пријавени учесници и голем број посетители. Верувам дека ова ќе прерасне во традиционална манифестација која ќе ја негува нашата традиција и ќе привлече уште повеќе учесници во иднина – истакна Гоцевски.
Тој посочи дека ваквите настани се значајни за зачувување на старите занаети и обичаи, но и за збогатување на културниот живот во општината.
Најголем дел од учесниците се луѓе кои коселе уште од најрана возраст, кога речиси секое домаќинство обработувало ливади и ниви без современа механизација. Според нив, денешното натпреварување е можност повторно да се оживее една вештина која постепено исчезнува.

Еден од натпреварувачите, Јонче Новоселски, истакна дека некогаш сè се косело рачно и дека косењето било секојдневие, но и дека и денес во руралните средини рачното косење за некого се уште е секојдневие во летниот период.
– Разликата што порано немаше тримери и косачки. Без разлика каква е тревата, мораше да се искоси. Денес тоа полека се губи, но добро е што има вакви натпревари за помладите да видат како се работело порано – рече тој.
Натпреварувачот Ванчо Тодоровски од селото Селник нагласи дека доброто косење не зависи само од физичката сила.
– Најважно е правилно да ја подготвиш косата и да ја водиш по својот „табијат“. Ако косата не е добро наместена и наострена, нема добро косење. Потребни се техника, искуство и трпение – рече Тодоровски.
Слично размислување има и 74-годишниот Благојче Коларски од селото Град, кој раскажа дека коси уште од својата тринаесетта година.
– Пораснав со косата во раце. Косевме со дедо ми, чувавме добиток и тоа беше секојдневие. Денес најважни остануваат техниката и брзината, но пред сè треба да знаеш правилно да ја користиш косата – истакна Коларчев.
Посебно внимание привлече единствената жена-учесник, Блашка Стојкова од кочанскиот регион, која покрај натпреварувањето донесе и традиционална жетварска трпеза со пченкарна погача, варена пченка и ладна вода во стомна, како што некогаш се служело на жетварите на нива.

Таа нагласи дека косењето не треба да се гледа како исклучиво машка работа.
– Косењето е техника, а не сила. Нема машка и женска работа, има само знаење и желба. Учествувам затоа што сакам да придонесам традицијата да продолжи и да не се заборави – рече Стојкова.
Придонес во организацијата имаше и Марјанчо Маџовски, кој долги години живее и работи во Швајцарија, каде редовно учествува на натпревари во рачно косење и има освоено повеќе признанија. На манифестацијата во Делчево тој пред присутните демонстрираше и традиционален начин на вршење жито, дополнително збогатувајќи ја програмата со елементи од старите земјоделски обичаи.

Учесниците и организаторите се согласија дека првото издание е добар почеток, а очекувањата се веќе следната година натпреварот да привлече уште повеќе косачи, но и посетители, со што Делчево би добило уште една препознатлива летна манифестација посветена на зачувувањето на традицијата и културното наследство.
МИА
