Европскиот јавен обвинител соопшти дека четворица актуелни грчки пратеници се меѓу 22 лица обвинети во истрагата за наводна измама поврзана со милиони евра земјоделски субвенции од ЕУ, што ја потресе грчката влада.
Покренати се обвиненија против 22 обвинети, вклучувајќи четворица актуелни членови на грчкиот парламент, неколку поранешни високи државни службеници и политички советници, за наводна организирана шема за злоупотреба на земјоделските средства, објави АФП.
Меѓу обвинетите се поранешен политички секретар на владејачката партија Нова демократија и поранешни вработени во државната агенција ОПЕКЕПЕ, која ги распределува субвенциите, вклучувајќи го и нејзиниот поранешен претседател.
Европскиот јавен обвинител соопшти дека пратениците се истражуваат за наводно поттикнување на кршење на довербата, лошо управување со средствата од ЕУ, давање лажни информации и обид за компјутерска измама.
Истражителите велат дека обвинетите им помогнале на десетици луѓе да аплицираат за субвенции за земјиште што не го поседувале, како и да го зголемат бројот на животни на нивните фарми.
Доказите, исто така, укажуваат на незаконско мешање во административните и контролните процедури, промени во податоците по завршувањето на инспекциите, прикривање и манипулирање со резултатите од инспекциите и издавање лажни сертификати.
Некои од примателите на средствата воопшто немале никаква врска со земјоделството. Поголемиот дел од нелегално исплатените субвенции биле насочени кон островот Крит.
Случајот го зголемува притисокот врз конзервативниот премиер Киријакос Мицотакис, чие семејство има силно политичко влијание на Крит повеќе од еден век.
Доколку бидат прогласени за виновни, обвинетите би можеле да се соочат со затворска казна до пет години и парични казни.
Канцеларијата на Европскиот јавен обвинител, исто така, соопшти дека обвиненијата против седум други пратеници и двајца поранешни пратеници се отфрлени поради недостаток на докази, додека тројца поранешни пратеници се уште се под истрага.
Извор – Рацин
