Царинските управи на Македонија и Хрватска креираат заедничка платформа за соработка со бизнис-заедницата, со што ќе се овозможи олеснување на легалната трговија и зголемување на трговската размена меѓу државите.
На денешната средба на високо ниво меѓу делегации на царинските управи на Северна Македонија и Хрватска, предводени од директорите Бобан Николовски и Марио Демировиќ, и претставници од стопанските комори и од асоцијацијата на превозници, се дискутирало за предизвиците со кои се соочува бизнис-заедницата, како и за можностите од нивно надминување преку поедноставување на царинските процедури, намалување на административниот товар за транспортерите и времето на чекање на границите, имплементација на современи решенија и понатамошна дигитализација на процесите, како и за можностите за приоритетен третман за доверливи економски оператори.
– Со оваа средба испраќаме и силна порака: дека институциите навистина се сервис на економијата. Дека границите треба да бидат место на контрола на ризикот, а не бариера за легалната трговија. Царинските администрации од регионот и Европската Унија може да работат како вистински партнери во интерес на економијата, конкурентноста и интеграцијата на нашите пазари. Оваа иницијатива ќе ја преточиме во конкретна оперативна соработка, која треба да донесе мерливи резултати за економските оператори, компаниите, транспортерите и граѓаните на двете држави – истакнал директорот на Царинската управа, Николовски.
Директорот на хрватската Царина порачал дека целта е да се изгради партнерски однос со стопанството од двете земји, заснован на доверба, транспарентност и постојана комуникација.
– Денешната средба претставува одлична основа за понатамошно продлабочување на соработката меѓу Хрватска и Македонија. Ефикасната соработка помеѓу двете царини ќе биде основа за развој на економиите на двете земји – нагласил Демировиќ.
Присутните претставници од Стопанската комора, Сојузот на стопанските комори и Асоцијацијата на превозниците „Макам транс“ од Македонија, како што соопшти Царинската управа, ја поздравиле иницијативата за заедничка платформа истакнувајќи дека ова е прва средба од ваков вид и е пример на успешно партнерство со институциите како клучно во зголемување на конкурентноста на економиите.
МИА
