Во хидроелектраната „Шпилје“ кај Дебар во првата половина од годинава, забележано е поголемо производство за 30 отсто, споредено со истиот период минатата година.
-Во првото полугодие од годинава ХЕ „Шпилје“ испорача 186.428 мегават часови електрична енергија што претставува натфрлање на планот за 30 проценти за предметниот период. Вака доброто производство услови заклучно со јуни, да бидат реализирани околу 68 отсто од вкупниот годишен план- велат за МИА од ЕСМ.

Додаваат дека покрај солидниот производствен резултат, во акумулацијата на почетокот на јули се бележи исполнетост од преку 71 отсто, што претставува одлична резерва во пресрет на новата грејна сезона. Просечниот дотек на вода во акумулацијата, во моментов, се движи помеѓу 11 и 14,5 кубни метри во секунда.
-Во однос на истиот период минатата година, производството од хидроелектраните „Глобочица“ и „Шпилје“ што го сочинуваат хидроенергетскиот систем „Црн Дрим“, е зголемено за околу 96 проценти. Двете хидроелектрани испорачале вкупно 306.335 мегават часови, додека во истиот период лани се произведени 156.294 мегават часови електрична енергија.
МИА
