Денот на тутунските работници се одбележува во чест на работниците кои на 4 април далечната 1938 година на чело со Борка Левата организирале штрајк во Монополот борејќи се за своите синдикални права.
Со одлука на синдикалното раководство, монополските работници од Прилеп организирале штрајк на чело со Борка Велески – Левата (1912-1942). Бил вреден работник и мајстор, во НОВ бил командант на прилепскиот партизански одред „Димитар Влахов“. Пред управата на монополот биле изнесени три барања и тоа: зголемување на надниците на сите работници за 20 проценти, укинување на режимот на казните и подобрување на условите на работа. Во обидите на полицијата да ги спречи штрајкувачите да демонстрираат, низ градот дошло до судири во кои биле повредени тројца работници и еден жандарм, а 50 работници биле затворени. Штрајкот траел 7 дена, а управата на Монополот, гледајќи дека ако продолжи штрајкот, ќе претрпи големи штети, ги прифатила барањата на штрајкувачкиот одбор, и со тоа штрајкот завршил, а работниците се вратиле на работа.

Фото/Facebook
