Дванаесетгодишниот Боже Вукас од хрватското село Љут најдобро знае како да го претвори неработникот во работник. На неодамнешната конференција Enter одржана во рамките на Центарот за извонредност во Сплит, тој ја претставил својата друштвена игра токму со името – Неработник.
Станува збор за вертикална картонска платформа со димензии 40х20 см со релјефен приказ на градител на пирамидата.
„Целта на играта е да се онеспособат неработниците и на тој начин да им се олесни на работниците непречено да ја градат пирамидата. За тоа се потребни и карти, кои се делат меѓу играчите“, објаснува Боже.

Според овој ученик од шесто одделение, играта не е дизајнирана за да се добие победник, туку се игра тимски од еден до шест играчи. Откако ќе се поделат картите, тој што ќе освои еден од шесте фараони има право прв да игра од врвот на платформата за да ги исфрли малите пилиња со наочари за сонце или по желба и неработниците.
„Верувам во нејзиниот успех, а целта ми е да ја добијам главната награда од седум илјади куни, која на крајот би ја пренасочил кон набавка на нов печатач и калап за сечење и на тој начин со помош на добрите луѓе да ја комерцијализирам мојата работа“, вели Боже, кој е убеден дека може да заврши и како компјутерска игра.

Ги носи крави на пасење, а наместо мобилен носи книга
Малиот Боже својот придонес во создавањето нешто ново го карактеризира како резултат на посветена работа, изоставена од напредната технологија – мобилни телефони, лаптопи и телевизија. Тие не му се потребни. Неговиот работен ден започнува со чување на кравите. Семејството Вукас се грижи за дваесетина говеда, за чие „тимарење“ е задолжен токму Боже, најмладиот од тројцата браќа.
„Секое утро кога ми дозволуваат училишните обврски, ги носам кравите на пасење. Без разлика дали има дожд или снег, животните треба да јадат. Наместо мобилен, со мене носам книга. Таа е мојата единствена пријателка. За жал, вистински пријатели немам зашто најблискиот ми е оддалечен десетина километри од куќата“.
Вели дека малку му е тешко без пријатели, но ги нашол во Математичкиот центар за извонредност во Сплит. Татко му секоја сабота го вози во Триљ, од каде што со автобус оди до Сплит и назад.

„Немам утеха во мобилниот телефон, интернетот и сите тие чуда. Повеќе се потпирам на идеите кои ми се ројат во главата“, вели тој.
„За жал, моите врсници се препуштаат на летаргија без мотивација за нови идеи. Дури и кога не учам, се фаќам за мотика и од камењата градам мали камени куќички и ги редам“, набројува Боже.
Неговата мајка се гордее со него и вели дека е посветен на секоја работа и одличен работник кој едноставно ги покрива сите области.
„Не само математиката, туку сѐ што гледа и слуша. Тој создава нешто од ништо. Не можам повеќе да ги следам неговите идеи. Секој ден „исфрла“ нешто ново и искрено да ви кажам, необјасниво и неразбирливо за мене”, со причина го фали својот син гордата мајка на Боже.
Извор: agroklub.com