Викендов во Кратово, жените ракотворки од Битола имаа продажна промоција на нивните уникатни рачни изработки пред Канцеларијата за карпеста уметност, односно Етно ризница, со поддршка на општина Демир Хисар и градоначалникот Марјанче Стојановски.
„17 години постоиме и ги промовираме и културата и традицијата, во нашите активности не спаѓаат само плетење и везење туку имаме и членки сликари на стакло, порцелан, филигран од срма, изработка на предмети од дрво, правиме макети на цркви од песок, од камен, од природни материјали, работиме тимски и организирано“, вели за Агротим.мк 58-годишната Снежана Јанкулова од Здружението Македонски ракотворби.

Здружението на уметници ракотворци „Македонски ракотворби“ од Битола е доброволна организација, од пред седумнаесет години, во која членуваат граѓани различни по пол, возраст, образование, верска и национална припадност. Нивната мисија е зачувување, вреднување, афирмирање и презентација на македонската култура и традиција.
„Главна цел на здружението е обединување, едукација и промовирање на македонските ракотворби во интерес на зачувувањето на традицијата, развој на културен туризам и креативна економија“, вели Снежана.

Главни активности на здружението се промотивни изложби, стручни предавања, обуки и работилници за изработка на ракотворби, научни екскурзии, хуманитарни и донаторски акции, саеми.
Исто така ова Здружение во изминатите 15 години има реализирано и бројни проекти меѓу кои се: Куќа на културата и традицијата, поддржан од Министерство за култура и Светска банка, Win-Win Жените во мрежа за иновативност и претприемништво-кофинансиран од ЕУ и националните фондови на земјите учеснички во рамките на ИПА програмата за прекугранична соработка Македонија-Грција 2007-2013, Колонија на ракотворци од различна културна и етничка припадност Буково 2014, кофинансиран од Генералниот секретаријат на владата на РМ, „Во Срцето на Битола“, манифестација која се одржува 15 години во континуитет во рамките на Бит фест – финансиран од општина Битола и Министерство за култура, „Со љубов за Пустец“, донација на 2000 книги и ракотворби во општина Пустец, Р. Албанија – поддржан од општина Новаци, како и Претприемништвото во функција на унапредување и промоција на занаетчиството во Пелагонија, Македонија-копча на светот, Емпиризмот на ракотворците во пресрет на младите потенцијални занаетчии, читаме, твориме, слушаме, иновативноста, важен услов за промоција и унапредување на занаетчиството и ракотворството.

Од своето формирање и втора година по ред во соработка со Здружение „Јасмин“, се одбележува древниот македонски празник Ксантика (Летник), кој го најавува доаѓањето на новата пролет, а со неа љубовта, цвеќињата, убавината го претвораат во голем хуманитарен настан.
Симбол на празникот е мартинката, црвено-бела волшебна плетенка, чии бои имаат свое значење. Белата боја симбол на чистота, искреност, а, црвената симбол на светлината и љубовта. ЗУР Македонски ракотворби-Битола, уште од своето постоење празникот Ксантика го обележува со безброј работилници и донации во детски градинки и училишта низ Битола и Ресен.

Инаку Здружението со поддршка на Општина Битола го реализира и проектот „Женските граѓански организации и нивниот придонес на локално ниво“, а целта е да се зголеми иницијативноста на женските граѓански организации за активно вклучување во сите процеси на локално ниво, како и зајакнување на релациите помеѓу женските граѓански организации и локалната самоуправа.

Беше формирана „Женска ресурсна точка“, која ќе пружа континуирана поддршка на организациите. На тематските работилници и изложбата учествуваа членови на ГО „Ромска sвезда“, ГО „Јасмин“ и ГО за слепи и слабовидни лица.

