Марулата е растение што најмногу се јаде во пролет. Овој зеленчук има богата традиција на одгледување и консумирање на овие простори. Препорачливо е да се јаде во кое било време од денот, независно од тоа дали е сервирана како прилог или како додаток на одредено јадење или, пак, со одредени додатоци се јаде како главен оброк.
Инаку, зелената салата или марула е едногодишно растение и во различни земји во светот различно се приготвува и се јаде. Кај нас, таа се јаде исклучиво свежа, во салати, сендвичи и со други јадења, но во Кина, на пример, марулата се јаде варена или пржена. Кај нас од растението се јаде само листот, а во Кина се користи и коренот, кој е еднакво хранлив како и листот.
Во марулата се концентрирани голем број витамини, минерали и растителни влакна. Во нејзиниот состав има хлорофил и витамин К. Таа е богата и со минерални соли, лутеин и со бетакаротен. Изобилува и со витамин Ц, калциум, растителни влакна, фолна киселина и железо. Марулата вклучува во својот состав и други неопходни материи за организмот, меѓу кои витамин А, Б6, ликопен и калиум. Таа е исклучително богата со витамин Ц, но и други витамини од групата Б, Е и А.
Марулата се препорачува да ја јадат луѓето од сите возрасти. Сепак, како задолжителна во својата исхрана, треба да ја имаат луѓето со висок крвен притисок, зголемени триглицериди и маснотии, бидејќи според нутриционистите, многу помага во решавање на овие здравствени проблеми. Исто така, зелената салата се препорачува и за сите што имаат проблем со акумулирање вишок течности во организмот. Марулата е природен диуретик, кој има способност да го елиминира вишокот течности од организмот. Покрај тоа, таа ги штити срцето и крвните садови и го подобрува функционирањето на бубрезите.
Постојат повеќе видови марула во светот. Некои од нив се:
Путер марула се одгледува и кај нас. Листовите се поретки и широки. Овој вид е најраспространет во Европа.
Кинеската марула се карактеризира со густо збиени и долгнавести листови. Има остар вкус и мирис, па токму затоа овој вид марула се користи како додаток за одредени варива, а не како додаток во свежа салата.
„Растурена“ марула е зелената салата што има кревки долгнавести ливчиња. Овој вид марула го има во неколку бои: зелена, црвена и виолетово-розова.
Издолжената марула расте во долги главици и има цврсти листови, со здебелена средина што се простира речиси до врвот на листот. Овој вид ретко може да се види на овие простори. Него најчесто го садат во САД.
Марулата многу лесно ги задржува хемиските средства со кои е третирана. Токму затоа, доколку не сте сигурни дека марулата е одгледана органски, обидете се колку што можете повеќе да ги отстраните токсините од листовите. За да го направите тоа, измиените листови марула потопете ги во студена вода, во која претходно сте раствориле сода-бикарбона или јаболков оцет. Потопената марула оставете ја да отстои околу еден час, а потоа повторно измијте ја. Единствено на овој начин ќе бидете сигурни дека марулата е здрава и безбедна за јадење.
Ако сте купиле поголемо количество марула, зачувајте ѝ ја свежината колку што е можно подолго, бидејќи така е и највкусна. Ставете ја во подлабок сад и испрскајте ја со поголемо количество вода. Без да ја исцедите, ставете ја на студено и темно место, а доколку немате такво место во домот, складирајте ја во фрижидер.
Вака подготвената марула, можете да ја користите околу две недели без да ѝ овенат ливчињата.
