Зимските посеви во поголемиот дел од Европа се во добра состојба , додека сувото време на југ и понатаму предизвикува загриженост. Февруарското издание на Билтенот JRC MARS – Мониторинг на културите во Европа дава преглед на состојбата на посевите кои беа изложени на топлотен бран на почетокот на годината, а потоа следеше преминот кон зимски услови. Растенијата имаат зголемена толеранција на ниски температури и не се очекуваат штети од замрзнување, стои во овој документ.
На крајот на јануари температурата беше пониска во Западна и Централна Европа, додека во Јужна и Северна Европа беше над просекот. Потоа следеше пад на температурите, што им овозможи на растенијата да се подготват. Ризикот од оштетување од мраз и понатаму останува многу низок.
Во јужните предели има изразен дефицит на врнежи. Тоа најмногу се однесува на јужните и централните делови на Шпанија, северот на Италија, Западна Турција и регионот Магреб.
Според системите за следење на временските услови, годината започна со различни отстапувања од просекот. Некои делови од Европа беа изложени на суша, други на потопло време, додека во помал број региони забележан е вишок врнежи.
Значителен дефицит е забележен во јужна Шпанија и Португалија, каде што од 15 јануари е забележан дефицит од 50 мм. Тоа значи дека имало помалку од 20 отсто од просечната количина. Во Италија почвата се уште не е опоравена од минатогодишната суша. Недостаток е забележан и во југозападниот дел на Франција, Јужна Германија, Источна Украина, Јужна Русија и Турција.
Од друга страна, вишок е регистриран во делови од Словачка, Унгарија и Хрватска и Централна Романија.
Во набљудуваниот период, од 1 јануари до 13 февруари, намален е ефектот на Ла Ниња. Во поголемиот дел од Европа имаше помалку студени денови. Натпросечни температури се забележани во Унгарија, Романија, Бугарија и западниот дел на Украина. На подрачјето на Западен Балкан врнежите помогнаа да се акумулира вода.
Италија, Јужна, Централна и Југоисточна Европа и поголемиот дел од Турција ќе се карактеризираат со посушен период од вообичаеното, со врнежливи периоди во некои планински и крајбрежни области. Крајот на февруари донесе врнежи под 5 мм. Веројатноста дека март ќе биде повлажен е релативно ниска за Јужна Шпанија и за Западен Балкан.