Напорите на Турција за ублажување на глобалната криза со храна преку преговори за безбеден премин за извоз на житарките заглавени во црноморските пристаништа наидоа на отпор од Украина, која тврди дека Русија наметнува неразумни услови и не верува дека Турција може да гарантира безбедност.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу вчера во Анкара го прими својот руски колега Сергеј Лавров. Разговарале за предлогот на ОН за ослободување на украинските пристаништа на Црно Море за да може да се извезат 22 милиони тони жито кои се наоѓаат во силосите.
Украина и Западот ја обвинуваат Москва дека ги користи залихите храна како оружје, додека Русија, од друга страна, тврди дека главни виновници се украинските поморски мини и меѓународните санкции против Москва.
На прес-конференцијата, Чавушоглу рекол дека вчерашните преговори во Анкара, на кои не учествуваше претставник од Украина, биле плодни и дека е можно повторно воспоставување извоз на украинското жито долж морскиот коридор.
Обединетите нации, заедно со Киев и Москва, работат на плановите за обновување на извозот на житарки од украинските пристаништа во Црно Море, а можно е Турција да обезбеди поморска придружба и безбеден премин.
„Ако треба да го отвориме украинскиот меѓународен пазар, сметаме дека е легитимно да се отстранат пречките за рускиот извоз“, рекол Чавушоглу.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш вчера изјави дека високи претставници на ОН разговарале со Анкара, Брисел, Киев, Москва и Вашингтон во изминатите десет дена, но не сакал да ги „загрози шансите за успех“ со дополнителни коментари.
„Ова е еден од оние моменти кога е неопходна тивка дипломатија – и благосостојбата на милиони луѓе низ светот може да зависи од тоа“, рече Гутереш.
Чавушоглу рече дека планот на ОН е „разумен и остварлив“ и дека „Украина и Русија треба да го прифатат“.
Русија ја повика Украина да ги отстрани мините од областа во близина на црноморското пристаниште Одеса за да се овозможи безбеден извоз на житарките. Рускиот претседател Владимир Путин вети дека Русија нема да ги користи деминираните коридори за да ја нападне Одеса.
Лавров вчера изјави дека Русија е подготвена да ги официјализира гаранциите во однос на Одеса. Тој вети дека Русија нема да ја „злоупотреби“ поморската предност доколку украинските пристаништа се деминирани и дека ќе ги преземе неопходните чекори за да се осигури дека бродовите ќе минуваат слободно.
„Подготвнеи сме да ја гарантираме безбедноста на бродовите што ги напуштаат украинските пристаништа во соработка со нашите турски колеги“, рече Лавров.
Москва, исто така, инсистира на правото да ги претресува бродовите што доаѓаат во пристаништата за да се увери дека не носат оружје наместо жито, што, според украинскиот амбасадор во Турција, е неприфатливо.
Украина соопшти дека ветувањето на Русија дека нема да ги користи безбедните поморски коридори за напад на Одеса не е веродостојно.
Претседателот на Здружението на украински трговци со житарки ги критикуваше и напорите на Турција да преговара за договор со Русија за обновување на украинскиот извоз, велејќи дека Анкара не е доволно моќна да дејствува како гарант против Русија.
„Турција не е доволно моќна во Црно Море за да ја гарантира безбедноста на товарот и на украинските пристаништа“, рече претседателот на здружението, Серхиј Ивашченко. Тој изјави и дека отстранувањето на мините од украинските пристаништа може да потрае два до три месеци, а во тоа треба да учествуваат турската и романската морнарица.
Украинскиот лидер Володимир Зеленски неделава изјави дека Украина разговарала со Велика Британија и Турција за идејата дека морнарицата на трета земја ќе гарантира безбеден премин за извозот на жито од Украина преку Црно Море.
Русија и Турција исто така би имале корист од планот за извоз. Агенцијата АП посочува дека истиот коридор ќе ѝ овозможи на Русија безбедно да ги извезува своите прехранбени производи и ѓубрива, додека Турција тврди дека ќе го олесни и заштити транспортот на житарки во Црно Море, што ѝ овозможува да ги исклучи другите шпедитери.
Чавушоглу вчера рече дека е „легитимно“ да се ублажат санкциите против рускиот извоз на земјоделски и некои други производи.
„Ако треба да го отвориме украинскиот меѓународен пазар, сметаме дека е легитимно да се отстранат пречките за рускиот извоз“, рече Чавушоглу. „Ако целиот свет треба да извезува производи од Украина и Руската Федерација, тогаш треба да се воспостави метод“, рече тој, додавајќи дека се надева дека „техничките подготовки“ ќе бидат можни што е можно поскоро.
Извор: vijesti.me
