Жетвата на пченицата е при крај, просечниот принос е 3 тона од хектар, а цената е 10 денари за килограм. Ова е главната вест, другата вест е дека земјоделците се незадоволни од откупната цена. Тие што имаат каде да ја чуваат и можат да издржат финансиски, ја складираат и ќе чекаат подобра цена. Другите ја предаваат кај откупувачи по 10 денари за килограм.

Ова е генералната слика од терен, која ја потврди и големиот земјоделски производител Митат Исмаиловски од Будаково. Тој заедно со неговото семејство, годинава имаше насеано 150 хектари со пченица и 114 хектари под јачмен.

-Годинава ожнеавме 150 хектари под пченица со просечен принос од 3 200 килограми од хектар, а јачменот беше близу 3000 килограми од хектар. За цената, што да ви кажам, понижувачка за нас, мизерни 10 денари и затоа не ја продадов никаде, ја складирав во силосите на Жито Битола – Изјави за Агротим, Исмаиловски.

Фамилијата Исмаиловски се познати сериозни земјоделски производители кои располагаат со модерна и бројна земјоделска механизација со која ја обработуваат земјата. Таков беше случајот и со годинешната реколта, која е произведена со извршување на сите агротехнички мерки од орање до прихрана и заштита.

-Производството е скапо, но мора да се вложи за да се добие солиден принос. Не е лесно ни да се жнее на 45 степени, но од работа не се жалиме, дури не ја пресметуваме ни маката во производната цена, но не се исплати да се работи. И да биде уште потрагично некои откупувачи ја извезуваат нашата пченица во Грција по 12,5 денари за килограм. Значи нашата домашна пченица се извезува, а ние после увезува поскапа од Србија?! За ова треба државата сериозно да се замисли и да не дозволи ваква ситуација оти ние земјоделците повеќе немаме сила да сееме и секоја година ќе имаме се’ помалку пченица. Има институции нека проверат на граница кој што извезува и ќе се види реалната слика – вели Исмаиловски.

И други земјоделски производители со кои разговараше екипата на Агротим ги потврдија овие информации и апелираат до МЗШВ за поголема ангажираност околу годинешната жетва и изнаоѓање на решение за ниската откупна цена на пченицата и јачменот.