Земјоделци и сточари од Пелагонија повторно го блокираа патот Прилеп–Битола кај Тополчани, незадоволни од доцнењето на субвенциите, ниските откупни цени и растечките трошоци за производство. Блокадата траеше околу час и половина, а на протестот учествуваа и градинари, лозари и производители од други земјоделски гранки.
Сточарите побараа исплата на заостанатите премии за предадено млеко и субвенциите по грло добиток. Истовремено, бараат поддршката по грло да се зголеми од 12.000 на 15.000 денари, а премијата за литар предадено млеко од шест на десет денари.
Како причина ги наведоа поскапувањата на горивото, репроматеријалите и ветеринарните услуги, кои дополнително го оптоваруваат производството.
Учесниците предупредија дека се финансиски исцрпени и дека доцнењето на исплатите им го отежнува продолжувањето на работата, особено пред есенската сеидба. Од протестот побараа навремена исплата на обврските и поголема поддршка за земјоделството и сточарството.
Дел од земјоделците порачаа дека барањата ги адресираат директно до премиерот Христијан Мицкоски. Побараа и учество во подготовката на програмата за субвенционирање, буџет од 200 милиони евра за земјоделството и доделување на картичките за зелена нафта.
Реагираа и производителите на житарици и јаболка, кои укажаа на неисплатени субвенции и откупни цени што не ги покриваат производните трошоци.
