Каберне совињон и мерло од садници кои поминаа повеќе од една година на Меѓународната вселенска станица ќе се претворат во експериментално вино.
Истражувачите кои испратија шишиња вино Петрус во вселената со цел да го истражат начинот на кој бестежинската состојба влијае на виното, со овие шишиња исто така испратиле садници од винова лоза, и тоа Мерло и Каберне Совињон.
Овој дел од експериментот не беше толку интересен за медиумите како испраќањето на едно од најпознатите вина на планетата во вселената, но следната фаза од експериментот – бербата на грозје од садници кои израснале во вселената, може да биде уште поинтересна.
Вкупно 320 садници поминале повеќе од една година во вселената на Меѓународната вселенска станица во рамки на проектот Mission Wise во кој Space Cargo Unlimited, меѓу другите истакнати партнери, го вклучи и Винскиот институт на Универзитетот во Бордо.
Целта на проектот е да се истражи влијанието на микрогравитацијата и екстремните услови врз виновата лоза. Резултатите доаѓаат полека, но веќе во оваа фаза има индиции дека ваквите лози имаат поголема отпорност на мувла и филоксера, како и разлики во содржината на полифеноли во споредба со садниците од Земјата.
Првата вистинска берба на грозје од вселенски садници е закажана за следната година, заедно со производство на мали количини вино наменето за истражување. Испраќањето на нови садници во вселената се очекува во 2024 година.
Д-р Мајкл Леберт, главен истражувач на проектот, рече дека е возбуден поради можноста вселената да ни помогне да создадеме сорти на грозје кои се поотпорни на климатските промени.
– Секако, треба уште многу да се работи, но иднината многу не возбудува, особено кога станува збор за првата винска берба на грозје од вселената – рече Леберт.
