Сакам да ја потенцирам важноста и придонесот на преработувачите кои се вклучуваат во Договорното производство на органска пиперка но и на другите земјоделски култури.
Тие лани и годинава ќе откупуваат и плаќаат по повисоки цени за органски производи но и за „органски култури во преод“, иако од нив не можат сеуште да произведат органски ајвар или други производи се додека не добијат производи со органски сертифакт.
Да биде појасно, се додека земјоделецот не помине две години со „органско во преод“ и дојде до третата година кога ќе имаат сертификат за органски производ, се дотогаш тој ќе си добива повисоки субвенции за 100% од конвенционалното производство и плус 6 денари од преработувачкиот капацитет. Исто така државата 50% го плаќа и сертификатот за органско производство.
Ова го потенцирам бидејќи земјоделците треба да знаат за овој гест на преработувачите кои го прават единствено за поголем развој на органското производство. На тој начин си обезбедуваат сигурна домашна суровина од кои во следните години ќе произведуваат органски македонски производи кои се толку многу барани на странските пазари.
Иднината е очигледно во органското производство, особено за земји како нашата, каде не можеме да постигнеме квантитет, но затоа можеме да станеме препознатливи по вакви ексклузивни, премиум органски производи.
Уште малку да поедноставам. Земјоделците ги имаат сите привилегии на повисоки субвенции, повисоки цени и во двете години во преод. Преработувачите инвестираат во тие две години додека не добијат вистински органска суровина за да произведат органски производ со сертификат.
Проектот Договорно производство на органска пиперка започна лани со поддршка на Швајцарскиот проект – ИМЕ и годинава очекувам нивна поддршка, што значи дека втора година ќе има земјоделци во преод, но и многу нови површини ќе се насадат. Така што процесот е започнат и може само да очекуваме зголемување на домашното органско производство, како на суровина така и на готов производ.
Ленче Николовска
